Македонија
Мајката на Даниел Кајмакоски по киднапирањето: „Во шок сум, важно е што е жив“
Синоќа во Белград, во близина на „Бетон хала“, пејачот Даниел Кајмакоски бил киднапиран, а според првичните информации, двајца странски државјани му пришле со оружје. По повод настанот се огласи и неговата мајка, Ружа Кајмакоска, која е сè уште во шок од случката.
„Фала што прашавте. Се слушнавме. Најважно е што е жив, а дали е добро – рано е да се каже“, изјави таа, додавајќи дека целото семејство доживеало голем стрес, јавува „Блиц“.
„Во вакви ситуации човек најмногу стравува за своите деца. Во шок сум“, рече Ружа.
Како што објави „Блиц“, сè се случило кога Даниел излегол од локалот во кој настапувал вечерта. Тогаш му пришле двајца мажи – се претпоставува странски државјани – вооружени со нож и пиштол. Го натерале да влезе во автомобил и го врзале.
Постои и видео-снимка. Бидејќи за време на викендите во Белград има засилени контроли, полицијата во рутинска проверка му дала знак на возилото да застане, но киднаперите продолжиле.
Во исто време, пријател на пејачот го пријавил киднапирањето во полиција. Кај исклучувањето за Рума, возилото удрило во заштитна ограда, по што напаѓачите се дале во бегство. Кајмакоски бил пронајден врзан во автомобилот.
Според пишувањата на српските медиуми, киднаперите планирале да стапат во контакт со семејството и да побараат откуп. Потрагата по нив сè уште е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

