Македонија
„Мајскиот договор“ е противуставен – ДПМНЕ зад затворени врати го факторизира владеењето на ДУИ од сенка, вели партијата Левица
„Врската помеѓу ДПМНЕ и ДУИ никогаш не била прекината! Таа повторно излезе на површина откако доцна во ноќта зад затворени врати од јавноста, пратениците од т.н. Европски фронт ѝ помогнаа на коалицијата ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ на шверцерски начин да го донесе Законот за реорганизација на министерствата. Со помош на ДУИ, беше овозможено отворање на 4 нови министерства, чија примарна цел е ухлебување на партиска војска на ДПМНЕ и задоволување на апетитите на олигархијата што ја спонзорира Партијата, како и полесно распределување на колачот помеѓу Широката коалиција“, велат од партијата Левица.
„Неформално во јавноста протече информација дека на полноќните средби на кои се пазарело уредувањето на државниот апарат, условот за обезбедување на 2/3 мнозинство од ДУИ било барањето за озаконување на т.н. „Мајски договор“, односно – во иднина Влада да се формира со Бадентерово мнозинство помеѓу победниците од двата наметнати етнички политички блока.
Ваквиот законски услов за формирање на Влада би бил целосно спротивен на Уставот на Република Македонија, кој во член 51 предвидува дека законите во Републиката мора да бидат во согласност со Уставот! Уставот не предвидува никакво посебно мнозинство за избор на Влада, ниту пак Бадентер, туку јасно определува во член 90 дека Владата на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието само со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Прифаќањето на овој предлог на ДУИ би значело официјализирање на противуставниот и антимакедонски концепт на бинационална држава и озаконување на етнотрибалистичката антиевропска политика која сè повеќе ја загрозува унитарноста и демократијата во Република Македонија!
Левица цврсто стои на ставот дека за тенденциозните балистички барања кои го нарушуваат унитарниот карактер на државата и државниот суверенитет, без разлика од која партија доаѓаат, ДУИ или ВЛЕН треба да бидат одбиени! Воедно, Левица во својата програма предвидува забрана за етнички партии, бидејќи пракса во сите демократски земји е партиите да се формираат врз основа на идеолошки определби, а не според етнички или религиски групирања!
Заради избегнување на ваквите националистички уценувања и тенденции, и покрај огромните идеолошки и програмски разлики, имајќи го предвид државниот и национален интерес, вклучително и интересите на сите македонски граѓани, Левица понуди бланко поддршка до ДПМНЕ за да не изгласаат балист од партија со освоени два пратенички мандати да раководи со Собранието, како и условна поддршка за реорганизацијата на Владата со воведување на една изборна единица, која при ваквите етноблоковски поделби, ќе овозможи закрепнување и дополнително обезбедување на унитарниот карактер на државата“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

