Македонија
МВР: Актите за двојазичните унифoрми треба да се достават до Владата
Министерството за внатрешни работи се повикува на Законот за употребата на јазиците откако денеска министерот Агим Нухиу потпиша правни акти за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата, како и правно толкување во однос на тоа што треба да преземе Министерството за внатрешни работи во идниот период.
Од МВР соопштија дека актите за двојазичните униформи треба да се достават до Владата.
„Во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните (албански јазик) исто така е службен јазик и неговото писмо во согласност со овој закон.
Во согласност со член 8 став (3) од наведениот закон, униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, и тоа во Скопје и во општините во кои најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.
Во членот 23 е утврдено дека во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон. Во истиот член е предвидено и дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон, а во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.
Во таа насока постапувајќи по цитираните законски одредби, на 11.7.2019 година во рамките на Министерството за внатрешни работи формирана е работна група со задача да изврши анализа и усогласување на прописите за униформата на полицијата со одредбите од Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) и со уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/19).
Како резултат на работата на наведената работна група, изготвени се текстови на уредба за изменување и дополнување на уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата и правилник за изменување и дополнување на правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата.
Имајќи го предвид изнесеното, објавата на министерот Нухиу се однесува на потпишување на актите што треба да се достават до Владата. Имено, уредбата за изменување и дополнување на уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување, се носи правилникот за изменување и дополнување на правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи“, нагласува МВР во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.

