Македонија
МВР: За викендот посебен сообраќаен режим поради најавени манифестации во Скопје
Поради одржувањето на најавени манифестации во Скопје, за време на викендот, Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим како во насока на непречено одвивање на манифестациите така и со цел да се избегнат сообраќајниот метеж и застои.
„Утре и задутре во период од 7:00 до 17:30 часот, во организација на АКК Примо АВЈ – Скопје, ќе се одржи меѓународен кружен натпревар во автомобилизам ‘Скопје 2018’. Натпреварувачката траса ќе биде од потегот на крстосницата на булеварот Крсте Петков-Мисирков со булеварот Гоце Делчев, право до крстосницата на булеварот Гоце Делчев и улицата Беласица до надвозникот на железничката пруга на исток (кај Железничката станица), северно продолжува до кружниот тек (кај хотел ‘Континентал’), јужно до крстосницата на улицата Владимир Комаров и улицата Беласица во Скопје. Притоа, сообраќајната полиција покрај затворањето за сообраќај на делниците предвидени во тркачката траса ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот и на сообраќајните во близина на трасата.
Според информациите, в недела во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во период од 7:30 до 11:00 часот, ќе се одржи улична трка на 10 километри насловена како „Скопје трча 10К 2018“. Трасата на трката е од булеварот Илинден на потегот од крстосницата со улицата Наум Наумовски Борче до крстосницата со улицата Љубљанска во Скопје, при што за сообраќај ќе биде затворен булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до крстосницата со улицата Никола Парапунов.
И во овој случај покрај затворената делница за сообраќај посебно ќе биде регулиран режимот на сообраќај на сообраќајниците во непосредна близина на трасата.
И исто така в недела, во организација на здружението „Борка – За секој нов ден“, во период од 10:00 до 15:00 часот во рамки на кампањата за борба против рак на дојка, насловена како „Напред розово 2018 – чекори против ракот на дојка“, ќе се одржи марш со траса на движење од објектот „Школка“ во Градскиот парк во правец кон Зоолошка градина, покрај ТК Југ, десно по патеката покрај Зоолошката градина сè до паркингот пред Градско собрание каде се врти десно. Потоа маршот ќе се движи право по булеварот Илинден покрај бараките на Градско собрание сè до Фонтана и се врти десно покрај чешмата во правец на Школка, каде и ќе се одвива централниот настан. Од тие причини сообраќајните полицајци ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот околу делницата предвидена со маршот.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.

