Македонија
МВР и ЗНМ со протокол за безбедност на новинарите на интернет
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска оствари работна средба со работната група на Здружението на новинарите на Македонија, предводена од претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на која беше промовиран изработениот протокол за безбедност на новинарите на интернет, со фокус на новинарките.
„Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице – контакт-точка за интернет-заканите кон новинарите и, воопшто, медиумските работници. Протоколот нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и воопшто на интернет преку поактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Ова е една од низата активности што заеднички ги спроведуваат МВР и ЗНМ за подобрување на безбедноста на новинарите од 2017 година кога беше потпишан меморандум за соработка“, велат од таму.
На средбата се дискутирало и за други аспекти за безбедност на новинарите и медиумските работници при вршење на дејноста, заканите што се присутни во интернет-просторот, потребата од слободно и непречено известување од настани на терен, ефикасноста при заштитата на новинарите со целосна имплементација на правните инструменти што ги имаат институциите и беше потенцирана соработката меѓу МВР и ЗНМ.
„Јасна е нашата посветеност како министерство на новинарите да им се обезбедат сите услови за тие непречено да си ја вршат работата и тоа го покажавме од 2017 до сега. За тоа не смее да има дилема затоа што слободата на медиумите е еден од базичните столбови на кој се потпира демократијата. И овој протокол, во чие изработување учествуваа претставници од МВР, ЗНМ и експерти од академската заедница, нуди решенија што ќе придонесат секој новинар, особено новинарките, да се чувствуваат безбедно, но и да знаат како да постапат во случаи на закани преку интернет. За нас, слободата на новинарите е приоритет и во таа насока продолжуваме и со наредни активности во соработка со ЗНМ. Во претходниот период реализиравме многубројни обуки, заеднички со ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје го изработивме прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик, а денеска можеме да констатираме и дека е изработен и протоколот за безбедност на новинарите на интернет“, потенцира Спасовски.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека овој протокол е чекор плус во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите. „Сметаме дека ова е позитивен исчекор во рамките на зголемување на безбедноста на колегите новинари и новинарки. Денес, не само што се соочуваме со загрозување на нашата безбедност туку се соочуваме и со опасноста од онлајн-закани, каде што, за жал, поголеми жртви се новинарките.
„На овој начин очекуваме нападите и опасноста од нив да се намали, а неказнивоста на сторителот да исчезне. Се надеваме дека препораките што се наоѓаат во овој протокол ќе го најдат своето место во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите“ , рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Во процесот на подготовка на овој протокол беа направени широки анализи, искористена актуелната правна литература на темата, како и многубројни институционални практики, со цел да се најде најдобриот пристап за поголема заштита и безбедност на новинарките и новинарите на интернет. На овој начин ќе се намали можноста за самоцензура поради постоен страв од напад, а ќе се зголеми слободата на изразување и професионалните новинарски стандарди. Членови на работната група составена за подготовка на овој протокол од ЗНМ беа Младен Чадиковски и Драган Секуловски, Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност Скопје при УКЛО – Битола, Јасна Бачовска-Недиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност и стратешко планирање при МВР, а од новинарките членови на работната група беа Сашка Цветковска, Еви Шкопи и Кристина Атовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Татко пријавил дека наставник го нападнал неговиот син во училишна сала
Триесет и шестгодишниот С.С. од Сарај пријавил во полиција дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставник во основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров.
Според информациите на МВР, на 26 јануари 2026 година, околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека нападот се случил истиот ден во 12:40 часот, во спортската сала на основното училиште. За нападот е пријавен А.П. (48) од Скопје, кој работи како наставник во истото училиште.
Како што информира МВР, по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

