Македонија
МВР објави оглас за вработување над 100 лица
Министерството за внатрешни работи отвори оглас за прием на 101 извршител за работа на неопределено време. Како што е наведено во огласот, се бараат:
– 48 извршители (приправници – со или без работно искуство) со високо образование VII/1 степен (четиригодишни студии) или најмалку 180 кредити според ЕКТС;
– 53 извршители (приправници – со или без работно искуство) со завршено четиригодишно средно образование или завршено четиригодишно средно образование во областа.
Вработувањата се предвидени во разни сектори за внатрешни работи. Во СВР Тетово ќе бидат примени тројца извршители со завршено средно образование.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните општи услови:
– да се државјани на Република Северна Македонија,
– да се полнолетни,
– активно да го користат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо,
– да се здравствено и психофизички способни,
– да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование,
– со безбедносна проверка да е утврдено дека за нив не постои безбедносен ризик од вработување,
– со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да не се членови на политичка партија или членови на органи и тела на политичка партија и
– да имаат положено тест за интегритет.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните посебни услови:
– основно познавање англиски јазик (познавање други светски јазици се смета за предност) и познавање работа со компјутери.
Огласот е отворен 15 дена, а деталите може да се најдат на веб-страницата на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

