Македонија
МВР: Продолжено работно време и работа за викенд, за да се одговори на барањата за нови лични документи
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го посети Одделението за управни работи – Скопје при Одделот за граѓански работи, кое периодов работи со продолжено работно време, вклучително и во текот на викендите, со единствена цел граѓаните што имаат потреба од издавање нови лични документи да може навремено да си го остварат своето право.
Oд 5 јули, по успешно спроведената завршна фаза на миграција на податоците на новиот надграден систем, почна издавањето на новите патни исправи и возачки дозволи усогласени со Уставот во делот на новото уставно име на државата, во кои се имплементирани и одредбите од Законот за јазиците на Република Северна Македонија. Притоа, како што е веќе информирана јавноста, личните документи со името Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење наведен во документот, а најдоцна до 12 февруари 2024 година, објаснуваат од МВР.
Како што информираа од Одделението за управни работи, овој период секоја година, со исклучок на минатата, е зголемен интересот на граѓаните за добивање документи, а оваа година, по олабавување на мерките против пандемијата, интересот е енормно зголемен бидејќи граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите поради затворените граници како последица од ковид-кризата.
Така, само во јуни биле издадени околу 42.000 патни исправи, речиси 20.000 лични карти и приближно 10.000 возачки дозволи, а во периодот од 5.7.2021 до 14.7.2021 примени се вкупно 41.864 барања за лични документи имајќи предвид дека дневно во последните три месеци се регистрираат по речиси 3.000 телефонски и 1.000 електронски закажувања за лични документи. Обрасци од сите лични документи има во доволен број, а издавањето на готовите документи продолжува со несмален интензитет за да им се излезе во пресрет на граѓаните, велат одговорните.
Од кабинетот на Спасовски додаваат дека Одделението за управни работи работело без прекин во услови на пандемија за што министерот Спасовски на вработените им упати благодарност за посветеноста и најави реконструкција на објектот со цел создавање подобри услови за вработените, но и за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

