Македонија
МВР распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Шеваљ Муареми, водачот на криминална група „Дуќанџик“ од Грчец.
„МУАРЕМИ ШЕВАЉ, татко Азби, мајка Азбије, роден 18.11.1977 година во Скопје, живее на улицата 5 бр. 1, с. Грчец општина Сарај. Се бара по распишана меѓународна потерница од ОЈО за ГОКК – Скопје со наредба КО БР. 15/24 од 30.1.2024 година. Лицето е под истрага за сторено кривично дело по чл. 123 ст. 2, чл. 394 ст. 3 и чл. 215 ст. 3 од КЗ на РСМ“, пишува на веб-страницата на МВР.
Пред да настапи техничката влада во јануари, тогашниот министер на МВР, Оливер Спасовски, на последната прес-конференција од својот мандат објави дека полицијата извршила голема полициска акција на повеќе локации, при што уапсиле шет лица во Македoнија и уште во Шпанија поради дрога и убиства, поврзани со криминалната група на Муареми.
„Пријавениот Ш. М. заедно со уште две лица, О. Б. и Ј. К., формирале група за вршење убиства. Организаторите создавале планови и носеле одлуки, а ги спроведувале лично или преку припадници“, рече тогаш Спасовски. Како што објави, групата стоела и зад организацијата и обидот за убиство на лице од селото Бардовци, албански државјанин, чие тело било најдено на 15 мај 2020 година на Матка во Скопје, како и двојното убиство на 5 март 2021 кога во Скопје беа убиени А. Б. и Б. В.
Спасовски на оваа прес-конференција изнесе и податок дека лица од институции, судови и обвинителства им оддавале информации на криминалците додавајќи дека јавноста би се зачудила кога ќе дознае кој сè соработувал со нив.
Водачот Шеваљ Муареми остана недостапен за органите на прогонот, а според непотврдени информации, престојувал во Шпанија по што заминал за Дубаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

