Македонија
МВР: Состојбата во Дебар и Центар Жупа е стабилна
Во изминатото деноноќие безбедносната состојба на целото подрачје на општините Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, е стабилна и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир и сообраќајни незгоди. Граѓаните ги почитуваат препораките, мерките и насоките усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (Ковид-19) за забрана за одржување собири и настани на отворен и затворен простор, како и секаков вид јавни и приватни собири. Полициските службеници деноноќно се на терен и ги преземаат неопходните безбедносни активности што се во согласност со оперативниот план, се врши обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби и се контролира дали угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес-салони, обложувачници) се придржуваат до одлуката за забрана за нивната работа. Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, соопшти МВР.
„Потсетуваме дека влезот е дозволен само за лица жители на општините, а истовремено оневозможен е и строго забранет е излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица што вршат дотур на продукти треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини
Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓани во државата, да бидат трпеливи, да покажат разбирање за сериозноста на ситуацијата и строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

