Македонија
МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни е-пораки – фишинг-линкови, се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатира зачестена појава на таканаречени фишинг-напади преку електронска пошта, во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување податоци од нив. Овие пораки лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање активности, велат од МВР.
Важно и значајно е граѓаните, односно компаниите, да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не ги отвораат линковите или прилозите во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами. Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет-измама, веднаш пријавите го случајот во најблиската полициска станица.
Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС-порака или со телефонски повик.
Оттаму, Министерството за внатрешни работи, со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што може да произлезат, апелира внимателност при добивањето ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет со цел спречување нивна понатамошна злоупотреба, соопштуваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.