Македонија
„МГ Фешн“: Имаме основа за правна постапка за претрпена штета, ако се случи суспензија на планот
Компанијата „МГ Фешн“, во консултација со својот адвокатски тим, информира дека има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета, доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната „МГ Фешн“ како инвеститор на проектот „Гранд Скопје“.
Евентуалното прифаќање на иницијативата да се искористи законската можност за суспензија на планот за градење, од страна на Општина Центар, ќе предизвика огромна материјална штета по нас како инвеститор, на и така веќе претрпената штета во изминатите 3 години како последица на мораториумот – неуставна и незаконска мерка, која дури два пати беше поништена со одлука на Уставниот суд.
„Штетите кои ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба кое произлегува од правото на сопственост, и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата на Република Северна Македонија за урбанистичките планови од државно значење“ – истакнуваат од МГ Фешн.
Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темели иницијативата за суспензија, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Притоа, не е јасно која е таа несомнена штета по јавниот интерес, особено со оглед на фактот што општината нема ниту еден доказ за ваквата штета.
„Не само што штетата не е докажана, туку и на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните. Граѓаните, жителите на општината и државата трпат штета, затоа што со стопираната градежна активност во општината се намалува конкуренцијата во станбената изградба и расте просечната цена по метар квадратен во таа општина, општината не остварува приходи од комуналии, кој е главен извор за финансирање, со што на општината ѝ се намалува можност да решава проблеми од локално значење, и на крајот државата не остварува приходи од данок на додадена вредност, и други давачки, со што трпи буџетот“ – појаснуваат од „МГ Фешн“.
Од сето наведено, очигледно е дека не постои несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување, напротив спроведувањето на суспензија на плановите за градење е на штета на јавниот интерес, која континуирано се зголемува уште од донесувањето на првата одлука за забрана за градење.
Потсетуваме дека деталниот урбанистички план е донесен во законита постапка, во која постапка од страна на вклучените органи Град Скопје, Министерство за транспорт и врски била проверувана усогласеноста на планот со плановите од повисоко ниво, вклучително и Генералниот урбанистички план, по што по спроведена јавна анкета истиот план бил донесен, а сé до донесување на нов на важност е посточекиот детален урбанистички план.
Идејното решение, кое е одобрено од Општина Центар, е со параметри кои се 55% помали од предвидените со важечкиот ДУП .
„Гранд Скопје“ ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти кои ќе се градат во 3 фази: во првата фаза еден станбено-деловен објект од 20 ката; во втората уште еден станбено-деловен од 22 ката, а во третата фаза деловен и комерцијален простор од 16 ката. Имено, согласно идејниот коцепт вкупната површина за градба е 9.165 м2, а бруто-развиена површина е 89.627 м2, наспроти 13.654 м2 површина за градба и 200.000 м2 бруто-развиена површина, колку што дозволува ДУП-от. Максималната височина на планирана градба изнесува 81.20м, иако согласно зададените урбанистички параметри во актуелниот ДУП истата изнесува 180 м. Во однос на зеленилото, проектот значително го надминува законскиот минимум од 20% зеленило од парцелата и во истиот се предвидени 6.520 м2 зелени површини.
На крајот сакаме јасно да ставиме до знаење дека нема да дозволиме да се доведува во прашање правната постапка зад проектот Гранд Скопје бидејќи во истата нема никакви правни недоследности, воедно ниту интегритетот на „МГ Фешн“, компанија која повеќе од 15 години успешно работи на македонскиот пазар.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

