Македонија
Медицински отпад било планирано да се стерилизира во близина на погон за храна
Погон за собирање и преработка на медицински и секаков друг вид опасен отпад било предвидено да се отвори на локација во близина на погони за производство на храна. По пријава на граѓани од општина Гази баба, Државниот инспекторат за животна средина утврдил недостатоци во елаборатот за кој решение издало Министерството за животна средина и просторно планирање.
Загриженоста на граѓаните била уште поголема поради информацијата дека сегашниот инвеститор „Ремендис Медисон“ ДОО Битола е всушност наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Екоклуб“, во јавноста позната по нивното несоодветно постапување со медицинскиот отпад.
„Барањето беше доставено од страна на граѓани од општина Гази Баба, собрани во Иницијативен одбор за депонијата Вардариште. Елаборатот го имаа добиено преку слободен пристап до информации од јавен карактер. Имено, барателот се противи на лоцирање погон за собирање и преработка на медицински отпад и секаков друг вид опасен отпад на Кванташки пазар, во непосредна близина на погони за производство и дистрибуција на храна (месни индустрии ‘Солета’ и ‘Римес’, како и трговија со храна ‘ЈС Актуел’). Нивната загриженост е уште поголема поради информацијата дека сегашниот инвеститор ‘Ремендис Медисон’ ДОО Битола е всушност наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Екоклуб“, во јавноста позната по нивното несоодветно постапување со медицинскиот отпад“, неведуваат од ДИЖС.
Инспекторатот на Градот Скопје минатата година при увид на лице место утврди дека медицинскиот опасен отпад, наместо да се обработи на висока температура и да се уништат микроорганизмите, се меле, се товари на камиони и се фрла на комунална депонија, спротивно на законот, со што станува загадувач на градот и извор на зарази. За ова сомневање градскиот инспектор достави пријава до Јавното обвинителство.
Граѓаните од Гази Баба биле загрижени што овој Елаборат на фирмата за медицински отпад бил веќе одобрен со решение за одобрување од Министерството за животна средина, па бараат поништување на решението, за да не се случи во време на пандемија од погонот да се ослободуваат патогени и други опасни материи, поради неприменување на соодветни законски пропишани третмани на отпад.
„Државниот инспекторат изврши увид во елаборатот за заштита на животната средина и беа утврдени сериозни недостатоци, особено бидејќи на инвеститорот му се одобрува, спротивно на закон, да врши стерилизација на хемикалии и патоген отпад. Хемикалии, лекови, вклучително и цитостатици, што со елаборатот се предвидени за стерилизација, може безбедно да се третираат само во печки за спалување што обезбедуваат високи стандарди за животна средина, а такви нема услови да се постават на таа локација. Дополнително, на локацијата се одобрува складирање на отпадни масла што содржат полихлорирани бифенили, а овие масла се канцерогени и за нивно собирање и третман има исто така многу строги стандарди, што со елаборатот не е обработено“, соопштува ДИЖС.
Како што наведуваат од инспекторатот, опишаната постапка за стерилизација на медицинскиот отпад не давала информации на кој начин ќе се спречи испуштање на патогени материи во водухот, односно не било предвидено да се вгради таканаречен ХЕПА-филтер. Овој елаборат имал и многу други недоследности кои укажувале на потребата од негово преиспитување.
Државниот инспекторат за животна средина достави барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за преиспитување на донесеното решение за одобрување на елаборатот, за да се зачува законитоста на постапките со кои се обезбедува здрава животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

