Македонија
Мемов: Движењето ЗНАМ продолжува да расте, се формираат општински организации во цела Македонија
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која портпаролот Никола Мемов рече дека согласно одлуката на Централниот одбор од јули годинава, во тек се интензивни активности на теренот за формирање на општинските организации на Движењето низ цела Македонија.
„Големиот интерес и наплив на нови членови, високо-стручни луѓе, кои претходно биле ангажирани во политичкипартии, членови од СДСМ, но и луѓе кои за прв пат се членови на партија, се најдобар показател за нашите правилни политики, рече тој.
Мемов информира дека согласно роковникот за одржување на општинските конференции, во септември се формирани неколку општински организации на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија со избрани претседател, секретар, членови на извршен одбор и членови на надзорен одбор, и тоа во: Аеродром, Велес, Штип, Кичево, Ресен, Берово, Демир Хисар, Пробиштип, Новаци.
Мемов додаде дека во тек се и подготовките, а траат и консултациите за изборните конференции за Струга, Дебарца, Вевчани, Долнени, скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Шуто Оризари како и градската организација на Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Скопје, кои е предвидено да се одржат во текот на октомври.
Тој нагласи дека крајната цел на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, една година по основањето, е да има своја партиска структура во сите
општини во Македонија и подготвено да ги дочека Локалните избори во 2025 година.
„Движењето ЗНАМ-За наша Македонија води конзистентни политики, а ние, како владин партнер, инсистираме на доследна имплементација на
програмата на владата, како и дефинираните принципи за функционирање на владата со ВМРО-ДПМНЕ, за наше учество во владината коалиција.
Продолжуваме заедно напред со иста енергија и посветеност за подобра иднина на сите граѓани во Македонија“, рече Мемов.
Запрашан каков е ставот нас Движењето ЗНАМ во однос на одлуката на Уставниот суд за примената на балансерот, Мемов рече:
„Ние ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд и мислиме дека времената мерка е во ред. Ние ќе ја почитуваме таа одлука. Што се однесува до правичната застапеност, одлуката нема да биде пречка за застапеноста на етничките заедници во администрацијата во следниот период, но се разбира тоа да биде по клучот на квалитет и конзистентност.“
На прашањето дали ќе се носи нов закон за правична застапеност, Мемов рече дека не може да го коментира тоа во моментот.
Тој додаде дека после конечната одлука на Уставниот суд надлежни за тоа ќе бидат Владата и Собранието.
Запрашан дали носењето на Законот за бранителите може да влијае врз стабилноста на владината коалиција, Мемов рече дека Движењето ЗНАМ- За
наша Македонија е гарант за стабилноста на владата и така ќе остане во текот на целиот мандат, додека се учесници во владата и додаде:
„Тоа значи дека ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на
македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка да ја посети Македонија за скандалот со ИПАРД
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со малверзациите што ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, соопштија од партијата.
„Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон. Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO)“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека Ковеши е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).
„Ковеши е позната по својата бескомпромисна борба против корупцијата од нејзината претходна работа во Романија, каде што го водеше Националниот директорат за антикорупција“, велат од СДСМ.
фото/ЕПА
Македонија
Стојаноски: Лицемерството на Левицата излегува на виделина, Апасиев ја користи анкетната комисија за политички поени
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека пратеничката група на Левица ја закажала собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот, на која што посочи дека присуството на поголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство е неопходно за усвојување на дневниот ред, но и за понатамошно гласање на Буџетот.
„Вториот апел би сакал да го упатам исто така до сите пратенички групи, а особено до пратеничката група којашто и ја управува таа комисија, ние сакаме да учествуваме на Комисијата која е закажана на 9 декември, но во истиот тој ден е закажана и Седница на буџетот на која што најголем дел од пратениците од мнозинството треба да бидат присурни, за да гласаат и дневен ред, но потоа и практично не може да се предвиди дали ќе треба тој Буџет да се гласа одма или заради говорниците понатаму и сметаме дека е коректно сите заедно да се договориме за датум на којшто ќе можеме да бидеме присутни сите, на којшто ќе можат да бидат присутни сите коишто се повикани, на кој што ќе можат да бидат присутни и премиерот на Владата на Република Македонија и на тој начин да им ги дадеме одговорите и на родителите и на оние подносители на таа иницијатива“, рече Стојаноски.
Порача дека е неопходно заедничко усогласување на датумот, за да се обезбеди целосно присуство и продуктивност на Комисијата.
„Така да практично сметам дека и за ова треба да најдеме еден заеднички јазик со којшто ќе успееме таа комисија да ја одржиме и да бидат присутни сите оние коишто се поканети од тој којшто ја има закажано и од оние коишто ја имаат поднесено иницијативата“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Поставени дигитални уреди за мерење бучава кај кафеаните во Дебар Маало
Општина Центар започна со имплементација на паметен систем за следење на бучавата, преку поставување на дигитални индикативни уреди на местата со најмногу поплаки од граѓаните – околу угостителски објекти, високо фреквентни улици и јавни простори. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.

„Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
До овој момент поставени се 19 уреди на повеќе точки во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2.
До крајот на годината ќе бидат поставени дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, потоа на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на локацијата Кале.
„Со ова ќе се прошири мрежата и ќе се покријат уште повеќе критични зони погодени од прекумерна бучава. Ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење“, вели Герасимовски.

