Македонија
Мемов: Примената на договорот за електронска размена на податоци помеѓу фондовите на Македонија и Црна Гора ги дава очекуваните резултати
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов, во Подгорица имаше работна средба со директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Црна Гора, Владимир Дробњак.
На состанокот претставниците на двата Фонда разговараа за досегашната примена на Договорот за електронска размена на податоци помеѓу двата Фонда и за Техничкиот протокол за имплементација на Договорот, како и за чекорите што треба да се преземат во иднина за да се подобри соработката.
„Многу сме задоволни што соработката со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија е одлична и придонесува за подобро остварување на правата од оваа област“, рече домаќинот на средбата, директорот на црногорскиот Фонд на ПИО, Владимир Дробњак. Тој додаде дека средбата е можност да се согледаат досегашните резултати и да се види каде може да има подобрување на истите. Дробњак, исто така, информира дека по даночната реформа која што е спроведена во Црна Гора, дефицитот на нивниот Фонд изнесува 57,9 проценти и тој се надополнува со трансфери од централниот буџет, а пензиите во изминатиот период ги имаат зголемено за 12,34 проценти.
„Добро е што во интерес на продлабочувањето на соработката со Фондот на Црна Гора ги согледуваме состојбите и ќе можеме да се договориме за понатамошните чекори за подобрување на истата“, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов. Тој ги информира домаќините дека во периодот од септември 2024 година, до сега пензиите се зголемени за 29,6 проценти, што значи дека за пензионерите се издвојуваат речиси 500 милиони евра повеќе.
Помошничката на директорот за остварување на права во црногорскиот Фонд, Милка Вранеш извести дека од први јануари 2026 година примената на Договорот со Македонија, како и на оние склучени со Федерацијата на Босна и Херцеговина и на Република Србија ќе биде во надлежност на подрачните одделенија.
Директорката на секторот за права во македонскиот Фонд на ПИО, Билјана Стојанова информира дека е направена измена на членот 127 од Законот за ПИО, со која се воведува месна надлежност, односно барање за пензија може да се поднесе во местото на живеење на подносителот, а не како досега онаму каде што било последното вработување.
Директорот на Секторот за ИТ во Фондот на ПИОМ, Нехат Мустафа, нагласи дека примената на Договорот за електронска размена на податоци се одвива по зацртаниот план, а помалите технички проблеми се отстрануваат успешно во заедничка соработка со црногорскиот Фонд.
На состанокот беше заклучено дека за да се подобри ефикасноста е потребно задолжително да се зема изјава во која странките ќе наведат каде и во кој период работеле, во случаите кога подносителите на барање за старосна пензија немаат работна книшка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

