Македонија
Мемов: СДСМ се во паника по конгресот на ЗНАМ, тие не знаат поинаку освен да служат на ДУИ, на бегалецот Груби и на двоецот Заев-Филипче
СДСМ денес, повторно и очајно, се обиде да ја маскира сопствената безидејност и внатрешна распаднатост со кукавички, плиток и патетичен напад врз претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакнува портпаролот на партијата Никола Мемов.
Според него, прес-конференцијата на нивниот гласноговорник, Мартин Костовски е неуспешен обид за дефокус по историскиот, силен и масовен Конгрес на Движењето ЗНАМ, кој испрати порака до сите: Македонија се буди, а народот веќе не се плаши!
„СДСМ не може ниту да замисли, а камо ли да организира Конгрес со над 420 делегати, со јасна национална визија и со масовна поддршка од народот. Нивниот “конгрес” би можел да се одржи во поширока канцеларија, затоа што вистинските социјалдемократи одамна ги нема, и народот ги напушта
засекогаш. Тие нè напаѓаат затоа што сме гласни, храбри и исправени. А тие не знаат поинаку освен да служат. На ДУИ. На бегалецот Артан Груби и Васко Ковачевски, на двоецот Заев-Филипче, дечките со златни визи, спремни за бегање“.
Никој нема право да преговара за македонскиот идентитет, вели тој.
Подвлече дека јазикот, историјата, културата и самобитноста на македонскиот народ не се предмет на преговори.
„Македонија ќе биде членка на ЕУ – но не како народ без име, туку како Македонци со гордост, идентитет и достоинство. Нашиот пат е европски, но нашата душа е македонска.
Човекот што денес зборува од име на СДСМ беше директор на Службен весник кога без потпис и спротивно на Уставот и законите го објави Законот за употреба на јазиците, со што изврши тешко кривично дело – Злосторничко здружување и уривање на уставниот поредок, потсетува Мемов.
Додава дека Костовски без потпис од Претседателот на државата, го објави законот за ратификација на конечната спогодба т.н. Преспански договор.
„Тоа е вистинското лице на овој “патриот” кој тивко, тајно, зад грбот на народот, ги распродаде националните интереси. И за тоа ќе одговара. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија не бегаме од вистината, туку се бориме за неа“.
Им порача на СДСМ: „Колку и да бегате од предавничката аура, предавничката кожа не се
соблекува“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

