Македонија
МЕПСО купува кожени столчиња од 90.000 евра

Откако кон почетоков на годинава АД МЕПСО се поднови со мебел од над 200 илјади евра, сега компанијата повторно се подновува со различни видови столчиња, за кои ќе потроши над 90 илјади. Во договорот склучен со фирмата ОФИС и КО. ДОО увоз-извоз Скопје стои дека се купени над 400 столчиња – најскапите чинат 18.500 денари по столче, а најевтините околу 5 илјади денари.
Во договорот за набавка за поголем дел од столчињата со кои ќе се поднови компанијата се бара да бидат „ергономски, со висок наслон, гумирани тркала, седиштето да биде обложено со огноотпорна пена, соодветна сакрална, лумбална и торакална поддршка, фиксирање во пет позиции, а седиштето и наслонот да се тапацирани со природна кожа“.
Цените на столчињата за АД МЕПСО се движат од 5 илјади денари, се нарачуваат столчиња и од над 14 илјади денари, 50 столчиња од 15 илјади, едно столче од 18.500, а најмногу, односно 165 столчиња чинат по 9.500 денари без вклучен ДДВ. За сето ова, со вклучен ДДВ, МЕПСО ќе плати 5,6 милиони денари или над 90 илјади евра.
Кон почетокот на годинава МЕПСО се поднови и со фотелји од телешка кожа. Компанијата склучи договор вреден 212 илјади евра, со „Леснина ми“, фирма од која беа купени кујни, канцелариски мебел и гарнитури, но во јавноста посебен впечаток оставија фотелјите од 14 илјади евра за кои беше потенцирано дека треба да бидат тапацирани со природна телешка кожа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пожарот во фабриката „Винчини“ е под контрола, пожарникарите со часови се бореле со огнот

Ставен е под целосна пожарот што изби вчера во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница позната по производите од брендот „Винчини“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов. При неколкучасовна интервенција на многубројните противпожарни екипи, неколкумина пожарникари добиле изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згаснале во стопената смеса“, рече Ангелов.
Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа општина. Пожарот избувна во 18:40 часот и во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, од кои два магацини. Сите имале сончеви панели на кровот.
На терен веднаш излегоа екипите на Противпожарната единица на Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари, а помогнаа и противпожарните служби од Кочани, Македонска Каменица и Штип, Пробиштип, Струмица, Кавадарци и Велес, кажа Ангелов. Огнот се прошири вдолж фабриката, а жители на Виница со куќи во близина на огнот стравуваада не се прошири и кон нив.
Основана е пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 45 држави.
Македонија
По големиот пожар во фабриката „Винчини“ на помош се вклучува и Стопанската комора

Стопанската комора соопшти дека вчера активно се вклучила во напорите за гасењето на пожарот во фабриката Макпрогрес во Виница, била алармирана и Владата. Од комората најавија формирање кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбите, изразувајќи при тоа жалење за претрпената штета на компанијата, нивна членка.
-Вчеравечер околу 19:20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни, се наведува во соопштението.
Стопанската комора воедно, изразува жалење за ваквата трагедија која ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка и како што наведуваат, „една од најуспешните извозни компании во Македонија, во групата на најпознати компании во кондиторската индустрија, препознаена по брендот „Винчини““.
-Макпрогрес Виница е истакната наша членка која предничи со своите активности и во работењето на Комората, и во градењето деловен амбиент во државата. Членови на сопственичката структура секогаш се наоѓале во врвот на раководството на Стопанската комора.
Во гаснењето на пожарот, се додава, свој придонес дадоа и нашите членки, кои своите капацитети ги ставија на располагање.
-Екипа на Стопанската комора е присутна на самото место од моментот на избувнување на пожарот и заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите, стои во соопштението од Стопанската комора.
Македонија
Земјотрес регистриран во Кичево, Охрид и околината

Земјотрес со интензитет од три степени по Европската макросеизмичка скала синоќа е регистриран во земјава.
Епицентарот на земјотресот потекнува од епицентралното подрачје Кичево, 75 км југозападно од Скопје.
Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје утринава информираше дека земјотресот е регистриран вчера во 20 часот и 39 минути и е со Рихтерова локална магнитуда, 2.7..
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Кичево, Охрид и околината.