Македонија
Мерко под лупа на Обвинителството: извршен вонреден инспекциски надзор во 30 предмети поврзани со него
Комисија на Јавното обвинителство изврши вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против лицето Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник.
Во текот на работата Комисијата имаше увид во вкупно 30-ина заведени предмети, од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во дел од веќе решените предмети комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.
Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмета во предистрага од 2021 година, кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители што презеле дејства добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување корупција и извештај на Државниот завод за ревизија и во кој е донесена резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа другиот дел сè уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет.
Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.
За време на извршениот надзор членовите на комисијата извршија и директни разговори со јавните обвинители, од кои побараа да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Во исто време членовите на комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. Исто така, на јавните обвинители уште еднаш им беше посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста.
Под обврска да се води од начелото на пресумпција на невиност Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејства и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон.
Имајќи ги предвид наодите од извршениот надзор, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе повеќе дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување:
а) Писмено укажување до сите виши и основни јавни обвинителства за ажурирање на постапувањето во сите предмети, особено во предметите што се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите што се однесуваат на избрани и именувани функционери;
б) Писмено укажување до вишите јавни обвинителства за задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица при секој редовен надзор во основите јавни обвинителства во нивна надлежност;
в) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции со цел активирање национален фронт за борба против корупцијата. Во рамките на своите надлежности како орган што раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на другите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот;
г) Ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители, а Обвинителството ќе воспостави механизми за проверка на ваквите наводи.
Во овој процес ја очекуваме поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации, кои ја следат нашата работа. Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ: Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска, независната кандидатка за јавен обвинител
Промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството, обвинија од СДСМ.
„Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски. Тој одлучува кој ќе биде назначен. Мицкоски ја елиминираше Ленче Ристоска –независната кандидатка за државен јавен обвинител. Иако Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија“, велат од СДСМ.
Според партијата, независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира.
„Професионалец со интегритет не му се вклопува во концептот. Медиумскиот октпод на Орбан во Македонија и неговите 40% медиуми што ги контролира веќе ја слават елиминацијата на Ристовска. Не се крие ништо. На кого веќе не му е јасно? Ставаат обвинител под нивна контрола, сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд. Владата ги знае судските одлуки за процеси кои се уште не се завршени а Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат. Следува целосно погребување на правдата и правната држава. Исто како во времето на Никола Груевски“, велат од СДСМ.
Македонија
Ристоска со реакција на изјавата на Мицкоски дека таа не е во игра за нов државен јавен обвинител
Во врска со изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Ленче Ристоска не е во игра за нов државен јавен обвинител, што ја даде во телевизиско интервју, таа вели дека тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска.
Според неа, професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска.
Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица кандидати за функцијата државен јавен обвинител, меѓу кои е и Ристоска.

