Македонија
МЕР бара дисциплинска мерка за работникот кој нареди багерот да гази сè пред себе
Македонски енергетски регурси (МЕР) АД Скопје бара да се покрене дисциплинска постапка за работникот кој наредил багерот да гази сè пред себе при градежните работи на Водно. Инцидентот се случи денеска при одвивање на градежните работи во парк-шума Водно, на делницата за изградба на гасоводот, каде што, според снимки објавени во медиумите, работникот наредил движење на багерите во моментот кога имало присутни од граѓанските здруженија.
МЕР АД во дописот до компанијара „Рапид билд“ ДОО Куманово бара да го отстранат работникот од градилиштето и тој ,,не смее да се појави повеќе при реализација на градежните активности”, а од фирмата се бара да му одреди и дисциплинска мерка.
Денеска продолжија градежните активности за гасификација на Република Македонија, на трасата преку Водно.
Според МЕР, активностите се на потег на кој не е предвидена измена на траса, потегот за кој е добиено одобрението за градба и на кој нема дрвна маса. Се работи во согласост со новите мерки и мерките дефинирани во студијата за животна средина.
Откако беа почнати активностите, се појавиле неколку граѓани кои на мирен начин застанале во близина на механизацијата. Градежните машини веднаш ги запреле активностите, по што еден од работниците започнал вербална расправија со активистите.
„Одговорниот на проектот му нареди на багеристот да нѐ помине, да нѐ прегази бидејќи застанавме на трасата. Тој почна со пцости и навреди кон нас дека сме партиски определени: ‘Иди преку нив, му кажа на багеристот’“, изјави Кирил Мицковски активист од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
,,Напоменуваме дека вербалниот инцидент што го предизвикал работникот не е политика на однесување на МЕР и се коси со протоколите за работа. Варбалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на проверка и потенцијална дисциплинска постапка. Потенцираме дека граѓаните имаат неприкосновено право на изразување на сопствен став и изразуваме подготвеност да ги продолжиме разговорите со екоздруженијата”, соопштија од МЕР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

