Македонија
„Месец дена од трагедијата во Кочани – Владата без никаков реформски закон“, велат од партијата Левица
„Иако измина повеќе од месец дена од ужасната трагедија во Кочани, на повидок не се никакви системски реформи од страна на владата на Мицкоски, иако тоа беше помпезно најавувано! Освен измени на законските одредби за употреба на пиротехника во затворен простор, безидејната влада нема иницирано никакви законски измени за отстранување на сите системски аномалии, поради кои дојде до трагичниот пожар во дискотеката Пулс“, велат од партијата Левица.
„Иако премиерот Мицкоски најавуваше законски измени за заострување на условите за добивање лиценца, до Собранието не е поднесено никаков предлог-закон. Токму Мицкоски тврдеше дека со измени од 2007 година на Законот за угостителска дејност, Пазарниот инспекторат не бил законски обврзан да ја провери веродсотојноста на лиценците.Премиерот уште на 18 март најави дека е формирана работна група за да ги подготви измените на Законот за угостителска дејност, но поради инертноста на Владата, дискотеките и понатаму функционираат според старите и лоши законски решенија.
Понатаму, нема никаква најава за реформа на безбедносниот систем и функционирањето на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), чија нефункционалност излезе на површина после трагедијата во Кочани. Уште пред 3 месеци Тошковски најавуваше измени на 19 системски закони, но и после трагедијата во Кочани, никакви законски измени за подобрување на безбедносниот систем не се доставени до Собранието.
Ја потсетуваме јавноста дека владејачкото мнозинство одби да гласа за кривична одговорност на судиите, ставајќи се во заштита на корумпираниот правосуден систем поради кои Македонија е обвиена во трагедии. Додека власта на ДПМНЕ е окупирана со јавен линч и демонизирања на секој што ќе изнесе критика против нејзиното работење, Левица поднесува измени на Кривичниот законик за воведување незастарливост на кривични дела сторени од службени лица. Бидејќи владата предводена од Мицкоски е безидејна и нема политичка волја да иницира системски реформи на законите, ги повикуваме да ги поддржат измените на Кривичниот законик кои ги предлага Левица, наместо да ги штитат криминалите на своите функционери на кои им застареа делата“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

