Македонија
Мециновиќ од Левицата: Оние што го бришеа АСНОМ од Уставот, денес се повикуваат на него

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на седницата за избор на заменици министри во новата Влада истакна дека партијата ЗНАМ уште во нејзиниот зародиш соработувала со ДПМНЕ.
„Убаво е да се напомене секогаш, дека ЗНАМ е дериват на СДСМ, кој не само што дојде на заеднички јазик и принципи да ја формира оваа Влада со ДПМНЕ, туку ЗНАМ во својот зародиш има соработка со ДПМНЕ. Тоа е 2021 година кога добија поддршка на локалните избори и од тогаш таа соработка не е прекината“ – кажа пратеникот.
Мециновиќ на собраниската седница ги потсети пратениците од ЗНАМ дека нивниот претседател е директен виновник за Преспанскиот договор. Тој ја акцентираше небулозата и лицемерието на ЗНАМ, односно дека Преспански договор за којшто некои од нив и агитирале, всушност го избриша АСНОМ од преамбулата на Уставот, а сега се повикуваат на него.
„Зошто сега се повикувате на АСНОМ, кога АСНОМ го избришавте?! – Затоа што не разбирате какво значење има АСНОМ за оваа држава! АСНОМ не бил конференција на директори, градоначалници, функционери, заменици министри. Туку бил кулминација на крвава борба против фашистичкиот окупатор! Против апетитите кои се сега разгорени, а сакаат да се комплетираат со внесувањето на Бугарите во Уставот, за кое се залагате.“ – нагласи пратеникот од редовите на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.