Македонија
Мечка влезе во дворот на експратеникот Пајкоски во Жировница: „Ни останува сами да се штитиме“

Мечка влегла во дворот на поранешниот пратеник на СДСМ, Љатиф Пајкоски, кој живее во селото Жировница, во општина Маврово и Ростуше.
Пајкоски за мечката објави на социјалните мрежи споделувајќи и фотографии на кои може да се види како животното претура во кантата за отпадоци во потрага по храна.
Тој раскажа дека мечката била забележана викендов во текот на ноќта.
„Да ве видам вас, умоболни бирократчиња, што ја штитите мечката, а ништо не преземате да го заштитите населението. Повелете барем една вечер бидете мои гости во Жировница, но не сами, туку и со вашите деца“, напиша експратеникот додавајќи дека очигледно им преостанува да се самоорганизираат и да се штитат со сè што располагаат“, напиша Пајкоски.
Изминатите месеци во повеќе наврати осамнаа објави за зголемено присуство на мечки во општината. Пред два месеца од Месната заедница Галичник објавија дека мечки им влегуваат во селото и побараа од надлежните да дејствуваат.
Тие тогаш рекоа дека мечките претураат во контејнерите и кај населението постои страв, но сепак не бараат дозвола за отстрел и, според нив, тоа треба да биде последна опција за решавање на проблемот.
Мечка неодамна беше забележана и на патот од селото Велебрдо према Битуше.
Надлежно министерство на Националниот парк „Маврово“ – Маврови Анови е Министерството за животна средина и просторно планирање, односно Секторот за природа.
Во согласност со член 16 од Законот за ловството, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да го дозволи ловот на трајно заштитен дивеч ако прави штети во ловиштето или на корисникот, односно сопственикот на земјиштето и водите по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Дигиталните реформи се двигател на подобри услуги и помалку бирократија за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изрази благодарност и гордост што Република Македонија беше домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан, значаен настан кој ја позиционира државата и градот Скопје како клучен регионален центар за дигитални иновации.
„Со одржувањето на овој Самит, кој свечено го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја испраќаме јасната порака дека Македонија е подготвена да ја предводи дигиталната трансформација во регионот. Секоја дигитална реформа што ја спроведуваме е насочена кон граѓаните – кон побрзи, поефикасни услуги, кон намалување на бирократијата и создавање нови можности“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска трансформација која има директно влијание врз квалитетот на животот – за граѓаните кои бараат подобар пристап до јавни услуги, за семејствата на кои им е потребен поквалитетен здравствен и образовен систем, за компаниите кои сакаат полесно деловно работење и за младите кои ја гледаат својата иднина тука, во регионот.
Како дел од своето обраќање, министерот ја претстави и иницијативата за проширување на моделот „роаминг како дома“ кон Европската Унија – чекор кој, како што рече, ќе значи реално намалување на трошоците за комуникација и подобра дигитална поврзаност на граѓаните со Европа.
„Голема благодарност до сите кои придонесоа овој настан да биде организиран на највисоко ниво. Тимот на Министерството за дигитална трансформација вложи исклучителен труд за достојно претставување на државата и нашата визија за дигитална иднина“, истакна Андоновски во своето официјално обраќање.
Македонија
(Видео) Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6 процента, лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.
„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.
Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.
Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.
Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.
Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.
„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.
Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.
Порача дека ова е владин неуспех.
СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.
Македонија
Муцунски – Странд: посочена важноста од поголема динамика во процесот на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Јоаким Странд, министер за европски прашања и државно сопствеништво на Финска, кој престојува во работна посета на земјава.
Разговорите беа посветени на актуелните европски и регионални прашања, со посебен акцент на политиката на проширување на Европската унија и перспективите во пристапниот процес. Министерот Муцунски ја реафирмираше цврстата посветеност за забрзување на евроинтегративниот процес со цел полноправно членство во ЕУ, во согласност со воспоставените критериуми и стандарди. Тој истакна дека државата останува доследен и кредибилен партнер на ЕУ, кој континуирано работи на спроведување на реформите и активно придонесува кон регионалната стабилност и соработка.
Муцунски посочи и на важноста од поголема предвидливост и динамика во процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Финска.
Двајцата министри разговараа и за билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.