Македонија
Мешовитата комисија на Скопје и Софија не постигна напредок за историските прашања
Мешовитата комисија на Скопје и Софија не постигна напредок за историските прашања, а прашањето за Гоце Делчев не било ниту отворено иако било на дневен ред, соопшти Министерството за надворешни работи.
Изминативе два дена Комисијата ја одржа 12. средба. Според предложениот дневен ред за работа, тема на дискусија беа прашањата поврзани со изготвување препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите што произлегуваат од различните и силно политизирани толкувања на минатото и усогласување текст-препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.
„Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок. И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената дискусија за учебниците по историја, на оваа средба Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување иако беше на дневен ред“, соопшти МНР.
Дискусијата по овие теми ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, објектите на Дом за Малолетни Деликвенти. (општина Бутел)
Македонија
Непречен сообраќај низ државата, по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне повремени врнежи од дожд, локално пообилни, попладне врнежите ќе престанат
Претпладне претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни и поројни со услови за појава на ретки грмежи. Попладне врнежите ќе престанат, а облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, локално пообилни. Попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има локални врнежи од дожд со послаб интензитет и ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно со постудени утра, а локален дожд повторно се очекува во петок кон крајот на денот

