Македонија
„Меѓаши“: На родителите најважно им е децата да се здрави и сигурни
Без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана, на сите родители најважно им е децата да се здрави и сигурни, покажува анализата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од Амбасадата велат дека целта на анализата била да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите бидејќи, според нив, клучно е тие да бидат земени предвид при носење какви било одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември.
Во периодот од 22.7.2020 година до 3.8.2020 година, „Меѓаши“ спроведе квантитативно онлајн-истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година.
Генерално земено, резултатите покажуваат дека иако родителите/старателите имаат разни ставови во врска со прашањето каков тип на настава сакаат да има од септември, карактеристична е заедничката грижа за здравјето на децата.
Истражувањето беше реализирано врз основа на анкета – спроведена на национален репрезентативен примерок, по случаен избор, преку интернет, во периодот од 22.7.2020 до 3.8.2020 и таа го опфати мислењето на 1.003 испитаници.
„Квантитативното онлајн-истражување за ставовите и искуството на родителите/старателите за методите на организирање на образовниот процес на децата за учебната 2020/2021 година даде резултати, кои претставуваат еден вид глас и пораки од родителите и старателите на децата вклучени во основното и средното образование. Во рамките на истражувањето се добија оформени квантитативни и квалитативни оцени за: ставовите и мислењата на родителите/старателите за приоритетните потреби и интереси на децата во контекст на образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година; ставовите и искуствата на родителите/старателите на децата – учениците во основното и средното образование во РМ поврзани со одвивањето на наставата од далечина во периодот март – јуни 2020 година; за ставовите и очекувањата на родителите/старателите за начините и методите на вклучување на нивните деца во образовниот процес во новата учебна 2020/2021 година. Воедно, се обезбедија соодветни информации и препораки формулирани врз основа на индикативните наоди, кои може да им послужат на чинителите и носителите на одлуки во образовниот процес, како поддршка во донесувањето одлуки за методите на организирање на образовниот процес на децата во новата учебна 2020/2021 година; при тоа приоритетно акцентот треба биде на потребите и интересите на децата“, велат од „Меѓаши“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

