Македонија
Меѓувладина седница на македонската и косовската Влада, земјите остануваат силно посветени на одбранбената соработка која е столб на регионалната безбедност
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (18 ноември) во Приштина за време на меѓувладината седница помеѓу македонската и косовската Влада предводена од премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти разговараше со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци, со кого ја потврдија намерата на двете земји за продлабочување на одбранбената соработка. Министрите Мисајловски и Маќедонци истакнаа дека регионалната стабилност и безбедност е приоритет за двете Влади.
„Нашата држава е активен и посветен НАТО сојузник чиј приоритет е регионалната стабилност и безбедност. Македонската Армија веќе четири години дава свој придонес во НАТО мисијата КФОР на Косово што е доказ дека регионот и неговата сигурност за нас се од исклучително значење“, рече Мисајловски.
Министерот Маќедонци се заблагодари за отвореноста на македонското Министерство за одбрана и министерот Мисајловски за континуирано унапредување на билатералната соработка и додаде дека таа е клучна за одржување и зацврстување на безбедноста на целиот регион.
Двете земји во областа на одбраната соработуваат од 2010 година, кога е потпишан првиот Меморандум за соработка. Согласно годишните планови за одбранбена соработка, таа се реализира во доменот на обуките на армискиот полигон „Криволак“, военото образование, одбранбената политика, медицинската обука, справувањето со дезинформации и сл.
За време на денешната меѓувладина седница беа потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области – меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини; протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“; и меморандум разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојковска: СДС бара да се скратат спортските субвенции зa 334 милиони денари
На денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска истакна дека пратениците од СДС по вчерашниот поднесен амандман за кратење на спортските субвенции од 300 милиони денари, денеска имаат барање за истата ставка и тоа со кратење на средствата за дополнителни 34 милиони денари.
„Работите се денеска многу појасни за македонската јавност, по вчерашниот амандман којшто беше поднесен, голем број на спортисти исто така и реагираат со коментарите дека тоа е срам којшто се случува, да се скратат средствата за спортските субвенции. Ако вчера со амандман од СДС имавме барање да се намалат спортските субвенции од 300 милиони денари, денеска имаме барање од истата ставка да се скратат средствата за уште 4 милиони денари, од оние претходно побарани 300 милиони денари“, објасни Бојковска и додаде:
„Следува уште еден амандман од истата оваа ставка од 30 милиони денари, или почитувани граѓани за кратење од спортот и спортските субвенции, СДС бара да се скратат средства во Буџетот од вкупно 334 милиони денари. За мене тоа е голем апсурд, и голем срам бидејќи напротив треба да поттикнуваме развој на спортот, спортистите и спортските објекти токму со овој Буџет којшто го разгледуваме сега, имаме големи вложувања и во спортската инфраструктура“.
Македонија
(Видео) Филипче: Судењето за Кочани е тест за целото општество, мора да се води кристално чисто
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, нагласи дека судењето за трагедијата во Кочани е тест за целото општество и затоа мора да се води транспарентно.
„Барам и очекувам процесот да се води отворено, транспарентно, пред очите на целата јавност“, рече Филипче.
Тој додаде дека родителите на жртвите заслужуваат да ја знаат вистината и правда мора да има.
„Ова им го додолжиме на родителите, ова им го додолжиме на сите граѓани, ова го должиме на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста во нашето општество“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче посочи дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми да се истражи секој детал од оваа трагедија, и тоа е причината поради која што пратеничката група на СДСМ побара Анкетна комисија во Собранието.
Македонија
Департизирана, професионална и европска јавна администрација: Минчев во Рим ги претстави главните реформски приоритети на Владата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на меѓународна конференција „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“, што се одржа во Рим, каде што имаше свое обраќање во рамките на министерскиот панел посветен на реформата на јавната администрација и европската интеграција.
Настанот, организиран од Министерството за јавна администрација на Италија, Националната школа за администрација на Италија (SNA) и Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА), ги обедини министрите од регионот, високи претставници од европските институции и експерти од областа на јавната администрација.
На конференцијата се обратија италијанскиот министер за јавна администрација Паоло Зангрило, претседателката на Националната школа за администрација Паола Северино и директорката на РеСПА Маја Хаџиска-Трендафилова.
Во своето обраќање, министерот Минчев ги претстави главните реформски приоритети на Владата во областа на јавната администрација и ја истакна стратешката насока на државата во процесот на европска интеграција.
„Нашата цел е да изградиме ефикасна, професионална и транспарентна администрација што ќе биде вистински сервис на граѓаните и носител на европските вредности“, истакна министерот Минчев
Министерот се осврна и на новата законска рамка за јавната служба, посочувајќи дека трите нови системски закони поставуваат темели за современ и европски модел на управување со човечките ресурси.
„Преку новите закони воспоставуваме мерит-систем заснован на професионалност, компетенции и интегритет. Нашата цел е администрација што ќе функционира според правила, а не според исклучоци“, потенцираше Минчев.
Посебен акцент беше ставен на процесот за воспоставување на Законот за високата раководна служба.
„Со овој закон создадовме основа за професионален управувачки кадар избран според заслуги, а не според политичка припадност. Тоа е клучно за стабилно и континуирано функционирање на институциите“, додаде тој.
Во однос на регионалната соработка, министерот истакна дека реформските процеси не можат да се спроведуваат изолирано и дека размената на искуства преку иницијативите на РеСПА претставува значаен поттик за унапредување на административните стандарди во регионот.
Министерот Минчев на крајот нагласи дека јавната администрација треба да биде движечка сила на промените, нагласувајќи дека професионалноста и дигитализацијата се клучните механизми што ја зајакнуваат довербата и го поттикнуваат европскиот напредок. Тој порача дека Министерството ќе продолжи проактивно да ги спроведува реформите што ја подигнуваат ефикасноста, транспарентноста и одговорноста на институциите, со единствена цел, администрација што вистински им служи на граѓаните и ја води државата напред кон Европската Унија.

