Македонија
Меџити вети поддршка за три капитални проекти во Гостивар
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска на работна средба го прими в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, со кого разговараа за проекти кои оваа општина ги реализира во насока на подобрување на животната средина, и проекти кои ќе се реализираат во соработка помеѓу цетралната и локалната власт, а кои имаат за цел подобрување на животниот стандард на гостиварци.
Меџити рече дека оваа средба се одвива во рамки на редовните средби што тој како министер за животна средина и прв вицепремиер ги одржува со градоначалниците на општините, а изјави дека за општина Гостивар, во оваа фаза, дадена е поддршка на три капитални проекти.
„Разговаравме за проектите кои се во тек, за проектите кои ќе се реализираат во иднина и кои ќе бидат поддржани од владата, имајќи предвид дека децентрализацијата е на ниско ниво и секако дека општините имаат потреба од владина помош, ние ги поддржуваме проектот за фекална канализација од блок 2, многу важен за дел од градот Гостивар, најдовме можност да поддржиме и проект за најголемото село во Македонија Чегране, каде што треба да продолжи проектот за канализација вреден 1,3 милиони евра, и во оваа насока, покрај општината, ќе ја поддржиме и како Влада, а она што е најважно е што оваа влада даде важен стимул за децентрализацијата и во наредните четири години од нашиот мандат ќе бидат одвоени околу 1 милијарда евра за општински проекти, а секоја општина по методологија, според бројот на жители, ќе добие свој удел за конкретни проекти“, изјави Меџити за медиумите.
Општините, рече Меџити, во соработка со владината комисија ќе одлучуваат кои проекти се нивен приоритет. Лимани, изрази благодарност за безрезервната поддршка што ја доби од првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
“Разговаравме за јавните повици и средствата кои владата ги предвидела за општините, како и за проблемите со кои се соочуваме како општина, како што се блок-дотациите од МОН, блок дотациите од Министерството за одбрана исто така како и проекти за подобрување на условите за живот на граѓаните, особено за проектите поврзани со животната средина, квалитетот на воздухот и подземната инфраструктура“, рече в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.
На средбата Меџити-Лимани стана збор и за децентрализацијата и идејата за преминување во нова фаза на фискалната децентрализација, што значи зајакнување на општините, подобрување на блок дотациите, имајќи предвид дека со зголемувањето на платите, средствата за превоз и инвестиции во училиштата се намалија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

