Македонија
Меџити: Го финализираме предлогот на законот за климатска акција
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денес учествуваше и имаше обраќање на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“, во организација на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.
На завршниот настан на кој се обратија и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, владиниот координатор за Зелениот климатски фонд Даме Димитровски и проект менаџерот во Канцеларијата на ГИЗ во Скопје, Марк Барет, Меџити ја истакна важноста на борбата против климатските промени, која како што рече, не се однесува само на политиките, технологиите или инфраструктурата – туку и за луѓето.
„Станува збор за обезбедување на поединците, заедниците и институциите со знаење, вештини и начин на размислување потребни за да се поттикнат значајни и трајни промени. Климатските промени, како посебна цел на одржливиот развој, претставуваат еден од најголемите предизвици на нашето време. За ефективно да се справиме со овие предизвици, мораме да инвестираме во човечки капитал – нашата колективна способност да се приспособиме, да иновираме и да градиме отпорни општества“, изјави Меџити.
Прво и основно, додаде првиот вицепремиер, образованието игра клучна улога во градењето на отпорност на климата а знаењето ги оспособува поединците да донесуваат информирани одлуки и да спроведуваат одржливи решенија.
На настанот, исто така, се зборуваше за создавање нови „зелени работни места“, кои ќе им дадат можност на младите да работат во сектори кои се во согласност со најновите климатски трендови.
„Особено сме горди што овој проект ги постави темелите за поттикнување на зелени работни места и унапредување на политиките за социјална инклузија. Во овој контекст, важно е да истакнеме дека Националниот Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово чувствително и инклузивно вработување, во клучните економски сектори во државата, содржи конкретни мерки за адаптација на пазарот на трудот кон зелената транзиција“, изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Владиниот координатор за Зелениот климатски фонд Даме Димитровски истакна дека климатските промени се високо во владината агенда и дека секторите образование, социјална заштита и здравство се препознаени како клучни во зелената агенда. Марк Барет, проектен менаџер на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, истакна дека една третина од портфолиото е всушност имплементација на проекти кои како на национално, така и на регионално ниво придонесуваат кон адаптација на земјоделието и транспортниот сектор, декарбонизација на енергетскиот сектор, унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти и справување со поплави, како и зајакнување на приватниот сектор кој игра клучна улога во зелената транзиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.

