Македонија
Меџити за условите во болницата во Штип: Ова навистина не личи на ништо, не личи на 21 век
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, по денешната обиколка на болницата во Штип, излезе згрозен од условите во кои работат неговите колеги и се лекуваат пациенти. Вели дека од првиот ден како министер е запознаен со состојбите во оваа болница, најави промени на подобро, но рече дека нема волшебно стапче за да се очекува тие наеднаш да се случат.
„Јас денес ги видов просториите, сум бил тука и порано како лекар, тие не заслужуваат така да работат. Ова навистина не личи на ништо, на 21 век. Ние навистина ќе направиме напори што побргу новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри услови“, рече Меџити.
Новата клиничка болница поради проблеми со фирмата рече дека нема да биде пуштена во употреба како што беше најавено следниот месец, но најави дека доколку успеат да се договорат, таа ќе биде готова и пред 2026 година, дадена како нов краен рок.
За министерот Меџити, не е изненадувачки тоа што изминатите три години болницата ја напуштиле 100-ина вработени, од кои некои заминале во странство, а други се пензионирале, оти вели дека тоа е глобален тренд, но призна дека кадарот е проблем.
„Не знам зошто се немало стратегија, не знам зошто е доведено во ваква состојба, да бегаат, да немаме конкретни кадри, конкретни струки. Не знам зошто не е направена стратегија од претходните менаџери, требало тоа да го имаат предвид дека не може една клиничка болница да функционира без кадри. Сега слушам дека има четворица хигиеничари, тоа е незамисливо на таков обем на работа да ги завршат работните задачи. Но, тука сме, еве апелирам – за сè што не е во ред да укажувате. Медицински 24/7 стојам на располагање и јас и тимот за да ги унапредиме работите. Јас сум лекар по професија. 23 години работам. Се соочував со истите овие услови, кои се објективни, со кои се соочуваат и моите колеги. Но, она што можам да ви кажам е дека ние како лекари на Клинички бевме многу задоволни што никогаш не ни праќаат пациенти кои не е потребно да бидат пратени. Тука колегите се многу квалитетни“, рече министерот Меџити.
Клиничката болница во Штип од јануари годинава чека одговор од Министерството за финансии за нови 48 вработувања. Министерот Меџити рече дека тој не е вистинска адреса за одговор на прашања за вработувања оти тоа е министерот за финансии, но најави дека ќе направи сè што може за да бидат одобрени барем 20 од бараните 48 вработувања.
Министерот денес беше во посета на болницата оти амбасадорот на Чешка и компанијата „Промедика“ донираа 24 болнички кревети за детското одделение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

