Македонија
Меџити: За 1 година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

