Македонија
Меџити на средби во Лондон за планирање на следните активности за изградба на новиот Клинички центар
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити е во работна посета на Обединетото Кралство, кадешто вчера оствари средба со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс, главниот оперативен директор на „International Hospitals Group“ (IHG), Симон Ешворт и со заменик-шеф на одделот за здравство (инфраструктура, едукација и тренинг) во Министерството за бизнис и трговија, Дејвид Шепард.
Како шти извести Министерството за здравство, во фокусот на средбата било планирањето на следни активности за изградба на нов Универзитетски клинички центар. Ќе се формира работна група составена од претставници од повеќе министерства, кои ќе имаат различни надлежности во однос на проектот, а како следен чекор што ќе се преземе е ревизија на веќепостојната студија за изводливост.

На состанокот се говореше за актуелните предизвици и приоритети, со цел унапредување на здравствените услуги, како и иницијативи и проекти од областа на здравството. Двете страни изразија интерес за планирање здравствени едукации и размена на здравствени кадри меѓу двете земји.
Меџити изрази голема благодарност за досегашната поддршка од Обединетото Кралство и истакна дека е од голема важност обучувањето на нашиот персонал за работа по најнова методологија во повеќе области на медицината.
Личната заложба на Викерс преку неговиот ангажман и посети кои ги реализира во регионот ќе бидат движечката сила за натамошното продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, се додава во соопштението на МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

