Македонија
Меџити: Нема потреба за загриженост, законот за бранителите нема да помине, во СДСМ преку ноќ станаа националисти
Владата има демократски и политички капацитет да ги решава проблемите внатре во владината коалиција, рече денес министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити, откога во јавноста владините партнери покажаа спротивни ставови за предложениот закон за бранителите. Министерот Меџити смета дека не е во прашање законот за бранителите, туку дилемата како СДСМ, партнерот на ДУИ, која осум години промовира граѓански концепт врз основа на кој собираше и албански гласови и имаше високи функционери во своите редови, преку ноќ предлага закон за бранителите.
„Дилемата се поставува дали не беа искрени кога промовираа граѓански концепт или тоа беа истите тие што преку ноќ станаа националисти и предлагаат ваков закон. Не им е грижа ни за бранителите ни за УЧК, ним им е грижа како да се спасат од одговорноста. Нема потреба за загриженост бидејќи тој закон нема да помине“, рече министерот Меџити.
Тој нагласи дека оваа Влада има историски најстабилно мнозинство од деведесеттата година навака и со 78 пратеници има капацитет да ги решава проблемите во владината коалиција.
Владината коалиција за која Меџити вели дека е досега најстабилната кај нас покажа разни ставови за законот за бранителите поднесен од СДСМ. Потпретседателот на „Вреди“, Халил Снопче, изјави дека ќе ја напуштат коалицијата доколку законот биде изгласан, а премиерот Христијан Мицкоски, кој недвосмилено рече дека ги поддржува бранителите, посочи дека нема да толерира уцени и кусо му порача „со среќа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

