Македонија
Меџити не ја видел антистрес-забавата на Груби среде министерство: Многу сум зафатен
																								
												
												
											Новиот министер за здравство, Фатмир Меџити, не видел како неговите колеги министри од ДУИ вчера направија антистрес-забава и играа фудбал и кошарка во канцелариите на Министерството за политички систем.
„Искрено, не сум го видел тоа. Многу сум зафатен со моите предизвици. Не можам за тоа да коментирам“, рече денес министерот Меџити.
Антистрес-забавата на министрите од ДУИ, за која на социјалните медиуми се пофали првиот вицепремиер Артан Груби со објаснување дека денот вчера бил голем, наиде на осуда од јавноста.
Многумина денес очекуваат извинување од министрите поради тоа што нивното однесување го толкуваат како непримерно.
Министрите на ДУИ играа фудбал и кошарка во канцеларија (makfax.com.mk)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов ќе го потпишат Догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8.
На потпишувањето кое ќе се случи на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридор 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО Алијансата. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.
Македонија
Љутков ќе се обрати на 43. сесија на генералната конференција на УНЕСКО
														Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонската делегација на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО што од 30 октомври до 13 ноември се одржува во Самарканд, Република Узбекистан.
Љутков утре (5 ноември) во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд ќе се обрати на дебатата посветена на генералните политики на Организацијата, на која учествуваат министри и претставници од земјите членки на УНЕСКО.
На Генералната конференција учествуваат претставници од над 200 земји и меѓународни организации. За време на двонеделното заседание ќе бидат усвоени значајни документи што ги одредуваат буџетот и програмата за работа на УНЕСКО за следниот период, а државите членки ќе изберат и членови на извршниот одбор. Се очекува во текот на Конференцијата да биде именуван и нов директор на Организацијата.
Одржувањето на Конференцијата во Самарканд е од особено значење бидејќи за првпат по повеќе од четири децении Генералната конференција на УНЕСКО се одржува надвор од седиштето на Организацијата во Париз.
Учеството на овој меѓународен собир, во кој Република Македонија е полноправна членка од 28 јуни 1993 година, ја потврдува континуираната посветеност на земјава кон целите и вредностите на УНЕСКО, а претставува и можност за унапредување на видливоста на македонската култура на глобално ниво.

