Македонија
Меџити: Нов дигитален мамограф и ултразвучен ЕХО-апарат за Поликлиниката „Железара“
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, и заменик-министерката за здравство, Маја Манолева, денеска беа во посета на Поликлиниката „Железара“ по повод набавка на нова медицинска опрема – дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ЕХО-апарат со две сонди набавен од Министерството за здравство.
Меџити информира дека овој дигитален мамограф претставува најсофистицирана опрема што се користи во сите здравствени установи насекаде во светот и важи за современа метода за скрининг на рак на дојката во рана фаза. Со набавката на апаратот ќе се подигне и забрза квалитетот на здравствената заштита за пациентите.
„За наредната година се планира зголемување на бројот на кабинети за скрининг на рак на дојката во согласност со утврдените правила и протоколи донесени од страна на националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојката. Се креира скрининг-амбуланта на торакална хирургија за пациентки од скрининг, кои имаат направено ЕХО-мамографија, биопсија и потврден хистопатолошки наод и тие дирекно од специјалист радиолог се упатуваат во амбуланта на торакална за одредување термин за операција. Досега оваа можност други специјалисти радиолози ја немаа ниту во дијагностички процедури“, истакна Меџити.
Заменик -инистерката Манолева потенцира дека Министерството ќе продолжи со инвестирање во нова медицинска опрема, како и во унапредување на инфраструктурата и зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи.
„Во оваа пригода сакам да апелирам за важноста на редовните превентивни прегледи за заштита на женското здравје. Навремениот преглед, особено кога станува збор за рак на дојката, може да спаси живот. Со скрининг-програмата се опфатени жените во возрасната група од 45 до 69 години, кои не направиле мамографија последниве две години, а исто така и жените на возраст од 40 до 44 години, кои имаат член во семејството со рак на дојката или друг дополнителен ризик-фактор, имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг-мамографија. Пријавувањето се врши на веб страницата: www.skrining.zdravstvo.gov.mk или на телефонскиот број 15444. Скрининг-мамографијата е бесплатна за жените во програмата, односно партиципацијата ја покрива Министерството за здравство“, рече Манолева.
Директорот на Поликлиниката „Железара“, Александар Велјановски, упати благодарност до Министерството за здравство што излезе во пресрет за набавка на дигиталниот мамограф.
„На територијата на општина Гази Баба друг мамограф нема и пациентите ќе имат можност тука да ги завршат своите прегледи. Поликлиника ‘Железара’ во вредност од 3 милиони денари во тековната 2023 година набави дополнителна медицина опрема, која ни беше неопходна во работата. За 2024 година имаме планирано неколку новитети, тоа е набавка на алерго-тестови. Втора работа што ја планираме е еден од докторите по трудова медицина да биде пратен на супспецијализација, да отвориме пулмоалерголошка амбуланта и третата работа е дека сме во преговори за набавка на декса-скен и за ова дополнително ќе разговараме со Министерство за здравство, каде што е потребен за рано откривање остеопороза кај пациентите“, изјави Велјановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

