Македонија
Меџити: Потпишавме меморандум за соработка со Државниот завод за ревизија, ја унапредуваме соработката
Министерот за здравство Фатмир Меџити и главниот државен ревизор од Државниот завод за ревизија Максим Ацевски, денеска потпишаа меморандум за соработка со цел унапредување на меѓусебните односи во областите кои се од заеднички интерес за двете институции.
Меџити истакнува дека потпишаниот меморандум за соработка предвидува редовна комуникација, соработка и размена на податоци од областа на здравството.
„Со главниот државен ревизор Ацевски планираме да реализираме значајни активности како изработка на модул за извештаи од работата на здравствените установи во рамките на Националниот систем за електронска евиденција во здравството за потребите на Државниот завод за ревизија. Извештаите треба да содржат податоци од регистрите кои се водат во Националниот систем и да понудат прегледи по различни критериуми – преглед на медицинска опрема кај здравствените установи, тековна состојба со податок за датум за ставање во употреба, понатаму преглед на објавени слободни термини, зафатени и не зафатени термини на дневно, месечно, годишно ниво или за определен период, по установа и специјалност“, вели министерот Меџити.
Тој посочува дека извештаите треба да содржат и преглед на издадени регуларни, приоритетни и итни упати по установа и специјалност на месечно ниво или за определен период, како и преглед на реализирани упати (регуларни, приоритетни, итни, сервисни) на месечно ниво по установа и специјалност или за определен период.
Со потпишаниот меморандум, Министерството за здравство и Државниот завод за ревизија се обврзуваат да обезбедат систем за заштита на податоците од неовластено користење и злоупотреба, но и сите добиени податоци и информации согласно со овој Договор да ги користат исклучиво за потребите на спроведување на постапки за ревизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

