Македонија
Меџити: Почнуваме акција за почист воздух, ова е предизвик со кој со години се соочува државата

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, денеска одржаа прес-конференција, на која го најавија печетокот на заедничките активности за почист воздух, што во пресрет на грејната сезона ќе ги спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.
„Почнуваме со контрола на производните капацитети, заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата, почнувајки од Скопскиот Регион. Работни тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор над издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен“ рече Меџити.
Според Меџити, активностите се планирани од причина што пред нас е уште една грејна сезона кога повторно ќе се актуализира прашањето за квалитет на амбиенталниот воздух. Ова е предизвик со кој со години се соочува државата, а Министерство и Владата сакаат навремено да почнат со активности во насока на ублажување на очекуваниот пораст на концентрации на ПM 10 и ПМ 2,5-суспендирани честички.
Притоа Меџити нагласи дека квалитетот на воздухот не е проблем што се решава преку ноќ, не е само локален проблем и не е проблем на едно министерство, а активностите ќе бидат инклузивни, ќе се споделуваат и ќе се координираат со сите релевантни институции.
Новоименуваната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, истакна дека Државниот инспекторат за животна средина секојдневно соработува со Управата за животна средина како стручен орган во подготовка на интегрираните еколошки дозволи, кои се клучни во областа на индустријата и квалитетот на амбиенталниот воздух. Во овој период во посебен фокус е квалитетот на воздухот и веќе се планирани редовни инспекциски надзори кај субјектите со А-интегрирани еколошки дозволи на територијата на целата држава. При надзорите, во согласност со динамиката, ќе учествуваат и стручни лица од Министерството, кои ги издаваат наведените дозволи.
Овие активности, покрај тоа што имаат цел да контролираат усогласеност на спроведување на националното законодавство, исто така имаат цел да обезбедат кооперативност и подигнување на јавната свест кај сите засегнати страни дека во престојната грејна сезона мора навремено и континуирано да се дејствува, да се прават добри и оптимални избори, со кои економијата ќе се развива, но не на штета на животната средина и здравјето на луѓето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.