Македонија
Меџити: Правичната застапеност на Албанците е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не
Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, реагираше на изјавите на министерот за јавна администрација од партијата ЗНАМ, Горан Минчев, во врска со вработувањата на Албанците во државните институции.
Во јавна објава, Изет Меџити го обвини Минчев дека користи реторика слична на онаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и потенцираше дека правичната застапеност на Албанците е уставна категорија која не може да се доведе во прашање.

„Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, затоа што воопшто не личат еден на друг. Горан Минчев треба да ја напушти реториката на Димитар Апасиев и да се однесува како министер на сите граѓани во нашата заедничка држава“, напиша тој.
Изет Меџити исто така ја потенцираше одлуката на Владата за трансформација на работниот однос од договор на дело во трајно вработување за околу 1500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, додавајќи дека за оваа одлука се горди.
На крајот од својата реакција, Изет Меџити упати јасна порака до Минчев и до сите што го оспоруваат правичниот принцип на застапеност на Албанците во институциите:
„Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

