Македонија
Меџити: Стратешките инвестиции во зелената инфраструктура го забрзуваат економскиот развој
Првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес учествуваше на конференцијата на тема „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“, на која ја истакна важноста на изградбата на одржлива инфраструктура, како неопходност а не избор.
Меџити на конфернцијата на која присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, рече дека зелената инфраструктура е глобален предизвик кој бара колективна акција, визија и соработка.
„Начинот на кој ги обликуваме нашите инфраструктурни проекти директно влијае врз квалитетот на животот, економската стабилност, заштитата на животната средина и отпорноста на нашите заедници на климатските промени. Стратешките инвестиции во инфраструктура која ги зема предвид климатските ризици и аспектите на биолошката разновидност претставуваат моќна алатка за забрзување на економскиот развој, создавање нови зелени работни места, поттикнување на иновации и исполнување на cелите за одржлив развој до 2030 година“ изјави Меџити.
Ја истакна важноста на интегрирањето на климатските и еколошките аспекти во процесот на планирање и проценка на влијанието врз животната средина, додавајќи дека овозможува носење информирани и долгорочно одржливи одлуки.
„Инфраструктурата која е отпорна на климатски шокови, не само што го заштитува буџетот и јавните ресурси, туку придонесува за стабилност и сигурност за идните генерации, а чекори кои треба дасе превземаат се градење и адаптација на системи за управување со ризици кои ќе нè подготват за климатските предизвици, трансформација на енергетскиот сектор кон обновливи извори, модернизација на земјоделството преку ефикасни системи за наводнување и климатски паметни практики, и унапредување на енергетската ефикасност и сеизмичката отпорност на објектите“, рече Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

