Македонија
Меџити убеден дека информатичарот Азир Алиу ќе се снајде и во Здравство: Министерот треба да биде добар менаџер, Алиу е најдобар предлог

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити смета дека докторот по информатички науки и поранешен министер за информатичко општество, Азир Алиу, ќе се снајде и во ресорот Здравство. Меџити синоќа рече дека Алиу е предлогот на „Вреди“ за нов министер за здравство откога тој од Алијансата за Албанците премина во „Вреди“.
„Министерот треба да биде добар менаџер, кој го познава системот и кој може да придонесе за подобро управување на тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Азир Алиу мислам дека е добар и најдобар предлог за таа позиција“, рече денес министерот Меџити.
Алиу беше министер за информатичко општество и администрација од февруари 2023 до февруари 2024 година како кадар на Алијансата за Албанците. Тој ќе биде предложен да го замени неговиот довчерашен лидер Арбен Таравари, кој ги напушти и „Вреди“ и Владата во пресрет на локалните избори.
Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега рече дека ресорот Здравство останува во „Вреди“ и по излегувањето на Таравари и од партиската и од владината коалиција, но нагласи дека го задржува правото како премиер да каже „не“ за предлогот доколку оцени дека се работи за личност со која не може да соработува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тошковски: На терен се над 90 отсто од силите со кои располага МВР

Денеска е ден на демократијата, денеска македонските граѓани ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни фер и демократски избори да си ги изберат своите градоначалници и советнички листи, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој извести дека само во едно место, село во општина Прилеп, гласањето започнало подоцна.
Министерот очекува мирна, демократска и фер изборна атмосфера.
„Ги повикувам сите граѓани да го остварат своето право на глас, да ги дефинираат чекорите во иднина, да можеме да искреираме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека се активирани над 90 отсто од силите со кои располага МВР и се фокусирани на спроведување на мирен изборен процес.
„Ги преземаме сите дејствија коишто треба да се преземат. На терен сме, ги контролираме оние жешки точки. Сега за сега нема никакви проблеми. Имаме констатирано четири настани кадешто има потенцијално нарушување на изборниот молк во текот на вчерашниот ден. Се постапува и се истражува. По утврдувањето на целосната фактичка состојба ќе биде известена јавноста“, извести Тошковски.
Македонија
ДИК: Навреме отворени сите избирачки места, гласањето се одвива без проблем

Државната изборна комисија извести дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Се гласа за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Гласањето на локалните избори започна во 7:00 часот и ќе трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Македонија
Претпладне променливо облачно со сончеви периоди, попладне намалување на облачноста

Претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Во западните планински региони ќе има услови за слаб дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб, долж Повардарието умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени