Македонија
Меџити убеден дека информатичарот Азир Алиу ќе се снајде и во Здравство: Министерот треба да биде добар менаџер, Алиу е најдобар предлог

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити смета дека докторот по информатички науки и поранешен министер за информатичко општество, Азир Алиу, ќе се снајде и во ресорот Здравство. Меџити синоќа рече дека Алиу е предлогот на „Вреди“ за нов министер за здравство откога тој од Алијансата за Албанците премина во „Вреди“.
„Министерот треба да биде добар менаџер, кој го познава системот и кој може да придонесе за подобро управување на тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Азир Алиу мислам дека е добар и најдобар предлог за таа позиција“, рече денес министерот Меџити.
Алиу беше министер за информатичко општество и администрација од февруари 2023 до февруари 2024 година како кадар на Алијансата за Албанците. Тој ќе биде предложен да го замени неговиот довчерашен лидер Арбен Таравари, кој ги напушти и „Вреди“ и Владата во пресрет на локалните избори.
Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега рече дека ресорот Здравство останува во „Вреди“ и по излегувањето на Таравари и од партиската и од владината коалиција, но нагласи дека го задржува правото како премиер да каже „не“ за предлогот доколку оцени дека се работи за личност со која не може да соработува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сојузниците од НАТО треба да трошат по 5 отсто од БДП за одбраната, му рекол Рубио на Муцунски

Државниот секретар на САД, Марко Рубио на средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласил дека е неопходно сојузниците во НАТО да дадат поддршка и да постигнат 5 отсто издвојување за одбраната, соопшти Стејт Департментот во соопштение по средбата.
Двајцата ја потврдиле силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ги истакнале заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.
Тие разговарале и за можностите за проширување на економската соработка, вклучувајќи ја трговијата и инвестициите.
Муцунски по средбата соопшти дека е потврдено стратешкото партнерство со САД, а нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции повеќе од 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор.
Македонија
Не се глупирајте, му порача Арсовска на Изет Меџити

Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.
Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.
„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.
Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Вистината за Бојан Христовски излезе на виделина, лагите на СДСМ пропаднаа во вода

Обвинителството ја отфрли пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Тоа смета дека сертификатот за англиски јазик од Бугарија не е фалсификат. Со ова вистината излезе на виделина и сите лаги на СДС паднаа во вода, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистината излезе на виделина со тоа што е констатирано дека Христовски не направил лажна исправа за да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска. Дури ни судиите избрани во Зајас и Струмица не можеа да ја сокријат вистината за лагите кои со месеци СДС ги ширеше. СДС со месеци ја манипулираше јавноста и ширеше дезинформации но со денешната одлука на обвинителството сето тоа им се удри од глава. СДС е синоним за манипулации и дезинформации. СДС е фабрика за лажни вести“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ претходно денес го нарече Јавното обвинителство партиски инструмент, откако беше отфрлена пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски, за фалсификат на сертификатот на англиски јазик издаден од училиште во Бугарија.