Македонија
МЗШВ: Собранието го изгласа Законот за рибарство и аквакултура
Собранието на Република Северна Македонија, денес го изгласа новиот Закон за рибарство и аквакултура. Законско решение, кое во целосно е усогласено со регулативите на Европската Унија.
Новиот Закон за рибарство и аквакултура ги уредува риболовните води и риболовот, потоа управувањето и користењето на рибите и другите водни организми. Регулиран е делот на аквакултурата, заедничкото уредување на пазарот на производите од рибарство и аквакултура.
Законот ги уредува надлежните тела, заштитата на рибите и другите водни организми, надоместок на штета и право на отштета, како и порибувањето и производство на порибителен материјал, како и други прашања, што се од значење во областа на рибарството и аквакултурата.
Последниот извештај на Евопската Комисија нотира позитивен напредок во текот на известувачкиот период во сите области на земјоделството и руралниот развој, безбедноста на храната, фитосанитарната и ветеринарна политика и рибарството, а токму подготовката на овој закон во извештајот беше позитивно оценета.
Дополнително, во месец јуни минатата 2023 година, нашата држава како 37 членка се приклучи кон Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура (EIFAAC) на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Нашето челенство, во ова регионално тело за рибарство од страна на Советот на ФАО основано во 1957 година, ни дава можност за вклучување во регионални проекти за рибарство и аквакултура, пристап до знаење и научни совети, трансфер на градење капацитети и технологии и иновации за аквакултурата, велат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Со паричка во погача голем број семејства вечерва ќе ја дочекаат Старата Нова година
Според Јулијанскиот календар, по кој се водат православните христијани, вечер се дочекува православната нова година, кај народот позната уште како и Стара нова година, која почнува утре на Василица.
Во Македонија, Василица многумина ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден.
Некои семејства, повеќе во западниот дел на Македонија, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

