Македонија
Граѓаните вакцинирани во странство за ревакцина во земјава да се пријават на vakcinacija.mk/revaccination
Министерството за здравство ја информира јавноста дека од денеска заклучно со 6 јуни 2021 година во функција е веб страницата https://vakcinacija.mk/revaccination која е за регистрација само на оние граѓани кои се вакцинирале во странство и сакаат да се ревакцинираат во земјава.
„ Преку регистрацијата на граѓаните ќе може да добиеме детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можвме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат. Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите останати граѓани после регистрација на сајтот Министерството за здравство ќе направи обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што ќе информираме прецизно во јавноста. Согласно информациите со кои располагаме, најголем дел од граѓаните вакцинирани во странство, пред се Србија треба да бидат ревакцинирани околу 19 јуни“ соопштија од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љутков: Почнува новата ера во туризмот
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на конститутивнaта седница на Советот за туризам, стратешко и советодавно тело кое има значајна улога во обликувањето и креирањето на туристичката политика на Македонија, со цел унапредување на координацијата и обезбедување системска поддршка за одржлив раст и развој на туристичката индустрија.
Во своето обраќање, Љутков ја истакна важноста на Советот како механизам за креирање современи, ефективни и одржливи туристички политики и мерки кои ќе испорачуваат конкретни резултати во интерес на туристичкиот сектор и економијата.
„Започнува новата ера во туризмот, а денешната конститутивна седница на Советот е потврда за тоа. Конституирањето на Советот значи дека најсложениот дел е зад нас. Воспоставивме функционални сектори за туризам, со јасна цел – да обезбедат ефикасно управување со туристичките дестинации и силна поддршка за стопанството“, рече министерот.
Тој ги нагласи актуелните предизвици со кои се соочува туристичката индустрија, потребата од модернизација на промотивните алатки, дигитализација, зајакнување на дестинацискиот менаџмент и поставување јасни стандарди за конкурентност.
„Од работата на Советот очекуваме и конкретни решенија кои ќе бидат во директна полза на сите чинители во туризмот. Предизвиците се големи и претстои доста работа, но верувам дека заедно можеме да постигнеме мерливи резултати во разумен временски рок. Верувам дека преку овој Совет ќе создадеме функционален механизам за координација, консултации и стратешко планирање што ќе ја насочи нашата работа во наредниот период“, дополни министерот Љутков.
Советот е составен од претставници на туристичките здруженија и асоцијации, високообразовните институции, ЗЕЛС, стопанските комори, како и експерти од областа на маркетингот, стратегискиот менаџмент и туризмот. За претседател на Советот беше избран Кристијан Џамбазовски, долгогодишен стопанственик со институционално искуство, кој ќе придонесе за поинтензивна и координирана соработка меѓу Советот и Министерството, со што ова тело и формално го започна својот мандат.
На седницата новиот претседател ја презентираше Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2026 година, документ кој опфаќа приоритетни активности, маркетинг-стратегии, интернационална промоција, развој на тематски туристички производи, унапредување на туристичката инфраструктура и зајакнување на капацитетите на локалните дестинации.
„Со формирањето на Советот, Министерството ја зајакнува институционалната поддршка за туристичкиот сектор и создава услови за интегрирано, конкурентно и одржливо позиционирање на нашата земја на меѓународната туристичка мапа“.
Македонија
Општина Илинден со членовите на хуманитарното здружение „Илинден“ го одбележа Светскиот ден на лицата со хендикеп
По повод Светскиот ден на лицата со хендикеп, кој традиционално се одбележува на 3 декември, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, оствари средба со претставници на Хуманитарното здружение на граѓани и лица со хендикеп „Илинден“ – Скопје.
На приемот, градоначалникот ја истакна важноста од континуирана поддршка и создавање рамноправни услови за сите лица со хендикеп. Георгиевски истакна дека овие наши сограѓани секојдневно се соочуваат со различни бариери, како физички и социјални, така и економски, за што локалната самоуправа има обврска активно да работи на нивно намалување.
„Општина Илинден, како и досега, ќе продолжи да стои зад хуманитарните здруженија и зад сите лица со хендикеп што живеат на нашата територија. Инклузијата не е привилегија, туку основно право“, нагласи градоначалникот.
Во знак на благодарност за континуираната поддршка, Здружението му врачи благодарница на градоначалникот, кој пак им додели скромен подарок наменет за потребите на децата и за активностите на здружението.
Македонија
Милошоски: Анкетната комисија има цел неселективно утврдување на пропустите за сите трагедии и спречување идни
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски кој истакна дека Анкетната комисија има за цел да се утврдат сите пропусти за трагедиите во изминатиот период кои резултираа со човечки жртви, со што добиените наоди понатаму би биле испратени до Владата и до Јавното обвинителство за да се лоцира доколку има политичка и кривична одговорност.
„Оваа Анкетна комисија се поднесува заради сериозноста на последиците на трагедиите кои се случија последните неколку години, несреќата во дискотеката во Кочани, несреќата на Беса транс, Модуларната болница во Тетово и несреќата на Дурмо Турс кај Ласкарци. Целта на ваквата Анкетна комисија е да се разгледуваат сите пропусти и сметам дека овие трагедии коишто со човечки животи ги платија недолжни луѓе имаат заеднички именител кај сите четири трагични несреќи се забележува сплет на пропусти на многу институции, нефункционалност на добар дел од системот и раководители на одредени институции коишто создале една опасна замка за сите четири несреќи во којашто замка за жал ненадоместливо имавме загуба на 138 човечки животи. Целта е исто така било кои наоди што ќе се добијат да бидат испратени до Владата и до ЈО, кои можат да помогнат во лоцирањето на политичка одговорност и кривична одговорност“, рече Милошоски.
Пратеникот истакна дека е потреба неселективност за сите трагични настани со што би со дошло до објективно согледување и решавање на системски пропусти и недостатоци.
„Со изгласувањето и формирањето на една ваква Анкетна комисија ние како пратеници и како Собрание би покажале неселективност, затоа сметам дека сите овие 4 трагични настани коишто резултирале со ваква ненадоместлива штета и за семејствата и за целата држава, не треба да бидат селективно разгледувани, туку да бидат разгледувани како една целина за да можеме со објективни согледувања да дадеме препораки за поправање на одредени системски недостатоци“, вели Милошоски.
Милошоски упати апел до пратеникот и претседател на СДС, Венко Филипче да даде поддршка за оваа Анкетна комисија која ќе ги разгледува покрај актуелните и сите други трагични настани.
„Затоа би сакал освен овие 75 потпишани пратеници да го повикам и да го замолам и пратеникот Венко Филипче како претседател на опозиционата партија и како подносител на следната иницијатива да даде поддршка за оваа Анкетна комисија којашто не исклучува ниеден трагичен настан, напротив ќе ги разгледува сите. Ќе ги разгледува и тие коишто се најактуелни во моментов но исто така и оние кои се случија во времето кога Филипче беше член на владата во чиј мандат се случија и дел од овие трагични несреќи“, рече Милошоски и додаде:
Ако гласаме заеднички за една Анкетна комисија без селективност и со истото чувство на емпатија можеме да имаме поголеми шанси да стигнеме до препораки и заклучоци коишто би биле корисни за целата држава и би послужиле за системски корекции за во иднина да се намалат ризиците за вакви трагедии.

