Македонија
МЗ: Нема нови случаи со хеморагична треска, граѓаните да се придржуваaт кон првентивните мерки
Министерството за здравство ја информира јавноста дека двајцата пациенти заразени со Конго-кримска хеморагична треска се стабилни. Лекарите велат дека најкритичната фаза од болеста кај нив поминала и не се очекува влошување на нивната состојба. Што се однесува до ризичните и помалку ризичните контакти со заразените, нема други суспектни случаи ниту пак кај некои од контактите е потврдено присуство за ККХТ.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, на последниот состанок што се одржа минатата седмица одлучија да препорачаат превентивни мерки за заштита на граѓаните од Конго-кримска хеморагична треска која се пренесува од каснување на крлеж. Преветивните мерки главно се однесуваат на информирање на граѓаните и на здравствените работници на кој начин се пренесува болеста и како да се заштитат од истата.
Превентивни мерки за заштита се:
1. Со облека покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава
2. Носете светло обоена облека за лесно да се забележи крлежот
3. Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид
*Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото
4. Обезбедете репелент против крлежи и инсекти кои можат да се нанесуваат на гола кожа
5. По престој во природа направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата.
*Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл);
6. Контролирајте ги домашните животни за присуство на крлежи
7. Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни
8. Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни
9. Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ
10. Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе
11. Редовно мијте ги рацете со вода и сапун после активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.
На состанокот што се одржа по иницијатива на министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, членовите на Комисијата изготвија информација до Владата на Македонија за организирање на акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата, за зголемено присуство на крлежи по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи дезинсекција која е клучна превентивна мерка.
Министерството за здравство апелира до населението дека простор за паника нема, ККХТ не се пренесува лесно, туку единствено по каснување од крлеж заразен со вирусот. Како најизложени на оваа опасност се риболовците, ловците и сточарите за кои укажуваме деа треба да бидат иклучиво внимателни и да ги почитуваат препораките за превенција. Друга голема група изложена на ризик се здравствените работници, заради контакт со телесните секрети – крв, тие треба да се заштитуваат со ЛЗО при контакт со сомнителни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централна Кооперативна Банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки
Во заедничка акција со раководството на Централна Кооперативна Банка, денес градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки. Едновремено беше поставена и нова урбана опрема, обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани кои тука можат да одмараат и да се рекреираат.
-Денес, заедно со раководството на Централна Кооперативна Банка, сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври Бараки, каде садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање на удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-тина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2.5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да се заблагодарам на Централна Кооперативна Банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност ќе биде инспирација и за останатите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината, во иднина. ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
„Европскиот фронт“: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“
„Европскиот фронт“ смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
„Ниедна влада не може да го раскине договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’“, велат од „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропска Влада го реализира.
Договорот со „Бехтел и Енка“, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ги оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација ѝ го носи на државата.
„Јавно прашуваме дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција ‘Вреди’, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена нѐ нарекоа македонски Албанци, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од „Европскиот фронт“.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран.
„Ваков каков што е, потпишан од оваа Влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“, рече Мицкоски.
Во март минатата година потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10 д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10 д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.