Македонија
Министерството за здравство: Обезбедени се средства за специјализантите
Министерството за здравство со помош на Владата обезбеди буџетски средства за исплата на приватните специјализанти запишани на конкурсот во јануари 2018 година. Ваквата информација следува бидејќи приватните специјализанти испратија отворено писмо до премиерот Зоран Заев, во кое наведоа дека досега не им биле исплатени плати.
„Сите 92 приватни специјализанти што стекнаа право да добијат месечен паричен надоместок на последниот конкурс за приватни специјализации не биле пресметани во буџетот на РМ донесен при крајот на 2017 година. Од тие причини стручните служби работеа подолго време од вообичаеното со цел да обезбедат буџетски средства за сите колеги специјализанти да добиваат редовен месечен надоместок за својот труд и работа. Со тоа ја исполнивме нашата цел сите приватни специјализанти да бидат наградени за вложениот труд“, велат од Министерството.
Од таму потенцираат дека средствата на специјализантите ќе бидат исплатени ретроактивно, односно од моментот кога Министерството се заложи и вети дека ќе ја почне исплатата, поточно од јуни 2018 година.
„Оперативно, исплатата ќе започне веднаш штом се завршат процедурите помеѓу ФЗОМ и клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок. Дополнително, потенцираме дека клиниките редовно ги исплаќаат специјализантите (околу 200) што во моментот се активно на специјализација запишани во минатите години“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

