Македонија
Мизрахи: Под претседателство на Царовска, Економско-социјалниот совет работел незаконски
Економско-социјалниот совет под претседателство на поранешната министерка Мила Царовска незаконски, со прекршување на одредбите од Деловникот за работа одржувал седници и носел мерки, обвини на прес-конференција министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
Таа побара Јавното обвинителство по допрен глас да го преиспита овој случај да постапи согласно одредбите од Кривичниот законик.
„На 35. седница на Екомско социјалниот совет одржана 30.06.2017 година, Мила Царовска побарала да биде донесена дополнителна точка на дневниот ред за измена на Деловникот за работа на ЕСС на што се спротивставија членовите на репрезентативните синдикати и истите се изјасниле дека не биле известени за промените во дневниот ред и со тоа ја напуштиле седницата на Советот. Согласно членот 8 од Деловникот за работа на Советот, седница се одржува доколку присуствуваат најмалку три претставници на Владата на Република Македонија и најмалку три претставници од социјалните партнери, а согласно членот 3 од истиот Деловник седниците на Советот се свикуваат со предлог-дневен ред најмалку 8 дена пред одржувањето на седницата“, рече Мизрахи.
Таа рече дека неколку наредни седници, поточно на 36., 37. и 38. седница на Советот, било дискутирано за низа популистички мерки и истите биле усвоени без потребниот кворум за работа на Економско социјалниот совет, што е спротивно на Деловникот за работа на Советот како и Спогодбата за основање на Економско-социјалниот совет.
„За сите овие противправно одржани седници на Економско-социјалниот совет кои се водени без потребниот кворум, повторно е извршено грубо прекршување на Деловникот согласно член 12 став 4 и 5 во кој Записникот се усвојува на наредната седница на Советот, а спротивно на тоа претходноспоменатите седници Мила Царовска ги усвојува и потпишува на 5 јануари 2018 година“, нагласи Мизрахи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

