Македонија
Милевски: Го преживеавме разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме да работиме на реформите
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски се обрати на осумнаесеттиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија во кој членуваат локални власти од земјата и од земји членки на Унијата.
„Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија е значаен форум преку кој разменуваме знаење и искуство на патот на интегрирање во Унијата. Го преживеавме на нозе разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме со несмален интензитет да работиме на реформите. Сметаме на вашата поддршка, затоа што вие знаете колку посветено работиме на градењето на европски вредности и стандарди и преку развивање на прекуграничната соработка во регионот, унапредување на политиката на регионален развој и на процесот на децентрализација на власта“, истакна Милевски.
Тој нагласи дека од последниот состанок на Комитетот во декември 2019 година до сега, за само една година се подготвени и донесени најзначајните документи во областа на локалната самоуправа и регионален развој коишто целосно се усогласени со политиките на ЕУ: нова Стратегија за регионален развој 2021-2031 година, нов Закон за рамномерен регионален развој и нова Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026.
Процесот на проширување на децентрализацијата го водиме во консултација со ЗЕЛС и со општините. Ќе го почитуваме ставот на локалните власти дека на општините пред сè им е потребна финансиска консолидација, стабилни и предвидливи извори на финансирање и внимателно пренесување на нови надлежности со соодветни финансиски средства, додаде министерот.
Со Заедничкиот консултативен комитет претседаваат градоначалниците на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, и на словенечката општина Трбовље, Јасна Габрич, која истакна дека проширувањето на Европската Унија е подеднакво важно и за Северна Македонија и за Европската Унија затоа што тоа ќе значи слободно движење и соработка на граѓаните и на институциите.
„Почетокот на преговорите бара многу напори, многу време, но се надевам дека ќе може многу брзо да ги отстраните пречките коишто произлегуваат од билатерален спор, зашто и други земји членки на Европската Унија имаат нерешени спорови, но не ги спречуваа своите соседи во процесот на интегрирање во ЕУ“, рече Габрич.
На состанокот се обратија и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, амбасадорката Агнеса Руси, како и претставникот на ЕУ од директоратот за добрососедство, Дејвид Кален.
„Процесот на проширување е процес на заслуги, Република Северна Македонија има резултати и процесот на напредување мора да продолжи, важно е да бидат вклучени и Владата и локалните власти и опозицијата и граѓанското општество“, рече Кален.
Известувачот на Комитетот на региони Никола Доброславич кажа дека ставот на ЕУ е дека сите земји од Западен Балкан треба да станат членки на Унијата со исполнување на критериумите за членство, ја имаат поддршката на Европската Унија, а во процесот на евроинтегрирање е многу важна улогата на локалните власти, особено во развојот на локалната демократија и принципите на добро управување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

