Македонија
Милевски: Спроведуваме широк процес на консултација за новата Програма за локален развој и децентрализација

Министерството за локална самоуправа почнува со подготовка на нова Програма за локален развој и децентрализација, документ со кој Владата ги определува целите и приоритетите за развој на локалната самоуправа и спроведувањето на процесот на децентрализација, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
„Документот ќе биде 6-годишен и ќе биде покриен со два тригодишни акциски плана. Програмата ја подготвуваме со поддршка на УНДП. Програмата за локален развој и децентрализација е документ што секторски навлегува во политиките на речиси сите министерства и затоа е неопходно директно учество на сите, вклучувајќи и други надлежни институции, ЗЕЛС, локалните власти и граѓанскиот сектор. Од денеска во наредните 10 дена, секој ден ќе се одржуваат тематски консултативни он лајн состаноци со сите засегнати страни“, порача тој.
Како што објасни Милевски, целта на документот е да се одредат приоритетите и мерките кои ќе ја подобрат функционалноста на локалната самоуправа од сите аспекти.
„Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП во изминатите две години има организирано десетина форуми на коишто имаа можност сите инволвирани страни да ги пренесат своите знаења и искуство. Во целиот процес влегуваме подготвени, со веќе скицирани приоритети коишто и во наредните денови ќе бидат дискутирани. Исто така ќе биде разгледана и правната рамка и евентуална потреба од нејзино менување“, рече Милевски.
Според Милевски, приоритет на Владата е децентрализацијата да продолжи во сите области каде што условите се зрели за пренесување нови надлежности и соодветни финансиски средства.
Едно од клучните прашања е фискалната стабилност и одржливост на општините. Тука очекуваме најголем придонес од Министерството за финансии и од министерствата коишто финансираат надлежности преку блок-дотации. Предлагаме воведување систем за порамнување како поддршка на помалите и посиромашните општини и систем за перформанси, како награда за поуспешните. Исто така и преиспитување на блок-дотациите, за да обезбедиме поправична распределба на средствата за сите општини. Наместо институционална, да обезбедиме функционална децентрализација, рече тој.
Вториот исто толку важен приоритет што го посочи Милевски е локалниот економски развој, како и подинамичен, зелен локален раст и развој.
„Акцентот го ставаме и на услугите – административните, преку нивна дигитализација, комуналните, социјалните услуги коишто се споделена надлежност меѓу локалната и централната власт и секако потребата од подобрување на механизмите за транспарентност, отчетност и вклученост на граѓаните“, рече Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица со народен собир во Кичево

Во Кичево денеска се одржа народен собир на Левица, на кој беше промовирана советничката листа и програмата за локалните избори. На настанот присуствуваа носителот на листата за советници Бојан Мишковски, генералниот секретар на партијата и кандидатка за градоначалник на Струга, Јована Мојсоска, како и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Денес сме овде заедно со граѓаните на Кичево за да ја промовираме нашата кандидатура и она што Левица сака да го застапува во градот. Се надеваме дека ќе добиеме доволен број на гласови за да имаме два, три, па дури и пет советници кои ќе можат реално да влијаат врз локалните политики“, изјави носителот на листата Бојан Мишковски.
Тој истакна дека Левица има силна програма која се осврнува на клучните проблеми на Кичево. „Иако сме во 21 век, има места кои немаат канализација, вода за пиење, ниту асфалтирани патишта. Градот се соочува со огромно иселување – резултат на лошите политики и на локално и на централно ниво. Нашата цел е Кичево да заживее и да се создадат основни услови за достоинствен живот. Дополнително ќе вложиме во културата, спортот и секојдневниот живот на кичевчани“, порача Мишковски.
Тој додаде дека програмата на Левица е достапна во дигитална форма на веб-страницата на партијата и повика граѓаните активно да комуницираат со кандидатите. „Отворени сме секој понеделник и среда од 19 часот за сите критики, поплаки или идеи што може да се имплементираат во нашето делување“, нагласи Мишковски.
На новинарско прашање за ставот кон кандидатите за градоначалници, бидејќи Левица во Кичево настапува само со советничка листа, Мишковски одговори: „Левица предизборно не прави коалиции и не поддржува ниту еден кандидат. Ги повикуваме граѓаните да излезат на гласање и да си го искажат своето право, а за кого ќе гласаат е нивна одлука и нивна слобода“.
Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска, во своето обраќање го претстави носителот на листата Бојан Мишковски како препознатлив активист меѓу кичевчани, кој беше еден од предводниците на протестите против депонијата – „рак рана на Кичево“.
Мојсоска истакна и поширок политички контекст на овие избори. „Ние како опозиција настапуваме во избирачки систем со тоталитарни услови, креирани од една авторитарна власт која не бира методи за да го угуши секој глас. Народот тоа го гледа секојдневно, преку цензурата на Левица, преку противзаконското следење на опозициски пратеници, сè со цел да се спаси рејтингот на една влада која имаше најлош старт во последните 35 години“, нагласи таа.
Таа додаде дека Левица, и покрај црната кампања наметната од власта, води позитивна изборна кампања. „Како парламентарна партија во изминатата година покажавме и докажавме дека имаме предлози и проекти што отстапуваат од сите други партии. Иако поради ароганцијата на власта не беа прифатени во Собранието, убедени сме дека граѓаните ќе го препознаат тоа“, рече Мојсоска.
„Она што ме радува е што Левица ќе има свои претставници во Советот на Општина Кичево. Како што во Собранието ја подигнавме транспарентноста и политичкото делување, истото ќе го направиме и во Советот на Кичево, конечно советниците ќе бидат вистинскиот глас на народот“, порача Мојсоска.
Македонија
(Видео) Кузеска: Владата на Мицкоски склучила договор за надзор со ИРД Инженеринг, истата фирма за која велеа дека е епски криминал

Со фирмата ИРД Инженеринг, за која велеа дека е епски криминал и сомнителна, владата на Христијан Мицкоски склучила Договор за надзор, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа кажа дека договорот е склучен на 19 септември годинава, помеѓу македонски Желеници и ИРД Инженеринг и е вреден 55 илјади евра.
„Кога беа опозиција, Мицкоски, Николовски, Стојановски, цело ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес конференции со обинувања за ИРД Инженеринг, фирмата надзор за автопатите од страна на Бехтел Енка. Ова за ВМРО-ДПМНЕ беше „епски криминал“ „лош надзор“ „сомнителна компанија“. Јавно на прес конференции целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ бараше реакции од Обвинителството, обвинуваа дека оваа фима, ИРД Инженеринг е „симбол на злоупотреби и партиски зделки“. Лично Мицкоски зборуваше за „нов голем епски криминал“ и бараше кривична одговорност. Највуваа раскинување на договорот, репреговарање, што ли уште не. Тоа беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Денеска гледаме дека се ова било лага до лага.
Наместо истрага – договор. Наместо одговорност – соработка. Ова е врв на политичко лицемерие, театар за јавноста во режија на Мицкоски и ДПМНЕ“, истакна Кузеска.
Таа побара Мицкоски јавно да излезе и да им се извини на граѓаните за, како што рече, сите негови лажни изјави, а Николовски да одговори зошто е склучен договор со ИРД Инженеринг.
Македонија
(Видео) Филипче: Резолуцијата ги јакне нашите позиции, таа е државен консензус за црвени линии

Денеска од Кисела Вода претседателот на СДСМ Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање порача дека СДСМ не ги урнало националните интереси на државата, ниту пак гледа дека нешто вратило ВМРО-ДПМНЕ. Но рече дека има документ со кој може да се потврдат црвените линии и заедничката позиција со национален консензус.
„Станува збор за потврдување на нашите црвени линии, потврдување на нашата заедничка позиција со национален консензус за првпат. Значи не станува збор за уривање туку за зајакнување. Ајде еднаш да сите заедно 120 пратеници како што тоа го прават сите држави вклучувајќи ја и Бугарија коишто имаат сите пратеници заеднички декларации во собранието бугарско за нивните национални интереси, ајде тоа да го направиме ние. Да конечно јасно и сите да потпишеме што е тоа што е наше национален интерес кои се нашите црвени илини и дека за тоа едноставно не преговараме.“, рече Филипче.
Тој истакна дека токму тоа стои во предлог резолуцијата која точно е утврдено дека за јазикот, идентитетот, културата, историјата ниту една влада повеќе нема да преговара.
Но повика за тоа да се зборува по изборите со цел овој период фокусот да биде ставен на локалните кампањи и презентација на програмите.