Македонија
Милошоски: Советник на Заев лаже дека живее во Париз и зема 1.200 евра плата на сметка во Србија

Советникот на премиерот Заев, Љупчо Зафировски, лаже дека живее во Франција и зема плата од 1.200 евра на сметка во Србија за да избегне плаќање данок, обвини пратеникот Антонијо Милошоски, незадоволен што долго чекал за одговор од премиерот на пратеничкото прашање.
Тој дополнително денеска го праша Заев дали знае за овие наводи и дали знае дека за овој случај веќе има пријава до антикорупциската комисија.
„Премиере, рековте дека вашиот советник живее во Франција, ама сепак неговото постојано живеалиште е регистриано во Скопје, дали сакате да избегнете плаќање данок, па овој советник платата ја прима во Србија?“, повтори Милошоски.
Заев одговори дека тој има право да ги избира своите советници и дека нивните биографии се јавно достапни, но не кажа зошто платата на Зафировски се исплаќа во Србија.
„Зафировски е законски ангажиран и тој ја одредува сметката на која треба да му се исплаќа платата. Јас не можам да бидам истражен орган. Тој не е Жан Пјер, туку Љупчо Зафировски, наш граѓанин“, рече Заев.
На денешната седница се пријавени 19 пратеници за прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во првото полугодие од годинава бројот на туристи во Македонија е зголемен, вели Мицкоски

Во првото полугодие од 2025 година бројот на туристи во Македонија е поголем за 13,5 отсто споредено со истиот период 2024 година. Бројот на странските туристи е поголем за 19,7 отсто во 2025 година споредено со истиот период 2024 година. Бројот на домашните туристи е помал за 2,5 отсто споредено со истиот период 2024 година, објави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој пишува дека во истиот период од 2025 година има за 8,5 отсто повеќе реализирани ноќевања споредено со првата половина од 2024 година.
-Нашата Македонија е преубава, ако бројот на странските туристи се зголемува со ниво од 20 отсто годишно и наоѓаат причина да ги посетат македонските градови и села, македонските езера и планини, да уживаат во прекрасната македонска традиционална кујна и вина, тогаш тоа е доволна причина сите ние заедно да уживаме во убавините на Македонија, пишува премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Македонија
Утре попладне дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, утре во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во понеделник се очекува на повеќе места да биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со услови за невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Како што информират од Управата за хидометеоролошки работи, во вторник ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, а од среда ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Во Скопје, во понеделник времето ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР апелираат во случај на појава на електрични празнења гражаните да бидат повнимателни, да не престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Зајкова: Жичарницата на Водно работела без дозвола додека превезувала деца и туристи, кој ќе одговара за пропустот?

Жичарницата на Водно со месеци работела, додека била опасна за патниците. Синдикатот на ЈСП јасно предупреди дека жичарницата работела без дозвола и не смеела да превезува луѓе, пишува во објава на социјалните мрежи претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
„Колку скопјани (возрасни, деца), колку туристи биле изложени на ризик по својот живот во овие месеци?!? Јас лично го носев мојот петгодишен внук до врв на Водно со истата… морници ме лазат од помислата што сѐ можело да се случи на секој од нас. Колку пати мораме да бидеме сведоци на неизмерна штета, па и човечки животи, за конечно да сфатиме дека мораме да ја поставиме безбедноста на прво место? Колку нови трагедии треба да ни покажат дека стандардите не се луксуз, туку се поставени заради безбедност и заштита?“, прашува Зајкова.
Секоја жичарница мора да минува годишен технички преглед и вонредни инспекции пред секоја сезона. Инспекциите мора да ги вршат независни тела (не само ЈСП или оној кој ги стопанисува), а извештаите да бидат јавни и достапни, наведува таа.
Зајкова бара да се воведат современи сензори за вибрации, опуштеност и странични движења кои автоматски го сопираат системот при ризик (како што е пракса во Австрија, Швајцарија и Германија). Овие современи технологии ги спречуваат катастрофите пред да се случат.
„Кривична одговорност за раководството во случај на исклучучени безбедносни уреди, дозволување или игнорирање на функционалните несигурности или работење без дозвола. Ние не сме статистика. Сме луѓе. И не мора да ја плаќаме цената со живот заради импровизации и неспособност“, заклучува претседателката на ЛДП, Зајкова.