Македонија
Минатата недела регистриран повисок број на заразени на возраст од 30 до 39 години
Во текот на изминатата недела, од 10 до 16 август, во земјава биле направени вкупно 11.605 тестирања на Ковид-19, односно за 2.062 (17.8%) повеќе споредено со претходната недела, информираат од Министерството за здравство.
Од направените 11.605 тестирања, регистрирани се 902 нови позитивни случаи, така што во минатонеделниот период процентот на позитивни случаи од вкупниот број на тестирани изнесува 7.8%, што покажува тренд на континуирано намалување во однос на претходните недели, кога истиот се движел од 10%, 9.4% и 8.6%, појаснуваат од ресорното министерство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=251; 27,8%) и Куманово (n=125; 13,6%). Во 18 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И во овој период, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 206 (22,8%) позитивни. Голем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (n=163; 18,1%) и 50-59 (n=162; 18,0%).
Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=26; 2,9%) и 10-19 години (n=49; 5,4%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=858; 95,1%), регистрирани се 87 (10,1%) хоспитализирани, а кај 244 (28,4%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 303 (35,3%) имале контакт со потврден случај, а 27 лица се со историја на патување во последни 14 дена.
Во споменатиот период по добиени два негативни теста за присуство на Ковид-19, како оздравени се водат 1.067 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 лица повеќе споредено со претходната недела.
Регистрирани се 17 смртни случаи од 9 градови, што е намалување од 32,0% во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите биле на возраст над 60 години (n=9; 52,9%). Од починатите, 16 биле хоспитализирани, а еден случај починал во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 11 починати лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

