Македонија
Минирање на патот во изградба Кичево – Охрид

Утре од 11 до 14 часот ќе се изврши минирање на патот во изградба Кичево – Охрид на делот Пресека – Песочан, соопшти АМСМ.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Кошта: На Северна Македонија да ѝ се гарантира дека нема да има нови барања, но договореното мора да се исполни

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека Република Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски за да може да напредува во процесот на преговори за членство во Европската унија.
На заедничкиот брифинг со бугарскиот премиер Росен Жељазков, Кошта изјави дека го разбира одреденото незадоволство кај Северна Македонија поради бројните чекори што веќе ги направила – промена на Уставот, знамето и името на државата – но нагласи дека „одобреното е одобрено, договореното е договорено и мора да се исполни“.
„Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да и’ се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и очекуваме во иднина. Нема да бараме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни“, рече Кошта, пренесе БНТ.
Додаде дека лично е многу вклучен во овој процес. Ги посетил и Бугарија и Северна Македонија, разговарал многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски.
„Верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес“, вели Кошта.
Жељазков повтори дека позицијата на Бугарија останува непроменета и дека Софија е доследна во своите ставови.
„Нашата позиција секогаш била принципиелна. Компромисното француско предлог-решение беше одобрено и од Советот и од бугарското Собрание. Нема промена на нашите принципи или пристап,“ нагласи тој.
Посочи дека Бугарија очекува почитување на договорот за добрососедство и вметнување на Бугарите во Уставот.
„Верувам дека жалбата до Уставниот суд на Република Северна Македонија на потпишаниот протокол кон Договорот за добрососедство, беше апсолутно неоправдана, експлицитно, и е дел од консензусот од 2022 година. Никогаш не сме барале аргументи во внатрешнополитичките дебати во Република Северна Македонија, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да бидат вклучени во Уставот на Република Северна Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нивно продолжување по патот на полноправно членство“, додаде.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството да не молчи, итна истрага за прислушкувањето на Мицкоски, новинарите и бизнисмените

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, побара од Јавното обвинителство итна истрага за случајот со следење и прислушкување на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„ЈО да не молчи, истрага за следењето и прислушкувањето веднаш, и одговорност за извршителите и наредбодавачите“, изјави Петрушевски.
Тој праша дали обвинителот Љупчо Коцевски молчи затоа што бил задолжен за следење на издавањето на ПИ мерките и дали знаел за случајот.
„СДС ги вплетка службите и ЈО во своја шема за опстанок на власт. Пет години следеле се што мислеле дека го загрозува нивниот опстанок. Одговорност за случајот мора да има. ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат, туку да почнат да даваат одговори“, додаде Петрушевски.
Македонија
Андоновски: Преку дигитализацијата го забрзуваме и олеснуваме процесот за студентите

Министерството за дигитална трансформација во соработка со Државниот завод за статистика денеска официјално ја претстави најновата електронска услуга достапна на Националниот портал за е-услуги „образецот ВОИ20 за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи“.
На денешната прес-конференцијата, министерот Стефан Андоновски изјави дека оваа услуга претставува значаен чекор во насока на дигитализација на јавните услуги, со фокус на младите и студентите како клучни корисници на услугата.
„Оваа услуга е наменета за сите студенти и високообразовни институции со цел да се поедностави, забрза и дигитализира процесот на поднесување и обработка на податоците. Наместо долгите процедури и хартиените документи, сега образецот може целосно да се пополни и испрати онлајн – брзо, ефикасно и без административни бариери“, изјави министерот.
Андоновски потенцираше дека со новата дигитална алатка студентите и универзитетите заштедуваат време и трошоци, како и тоа дека Државниот завод за статистика добива точни и навремени податоци, се зголемува административната ефикасност, а се намалува можноста за грешки.
Министерот најави дека во координација со ДЗС, во наредниот период се планира целата група на услуги поврзани со студирањето да бидат интегрирани и исклучиво достапни преку Националниот портал за е-услуги – www.uslugi.gov.mk.
„Со ДЗС размислуваме и за целата група на услуги кои се однесуваат на студирањето да бидат исклучиво достапни на Националниот портал. Ги повикуваме сите високообразовни установи и студенти да ја користат новата услуга на www.uslugi.gov.mk. Нашата цел е да создадеме систем каде административните обврски нема да бидат товар, туку поддршка за образованието и развојот.,“ истакна министерот.
Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Владата за целосна дигитализација на јавните услуги, со што се овозможува побрз, потранспарентен и подостапен јавен сектор за сите граѓани.