Македонија
Министерката Петровска во посета на македонските војници во Романија, високи оценки за нивниот придонес во овие мултинационалните сили на НАТО
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во рамките на официјалната посета на Романија во касарната „Отопени“ ги посети војниците од македонскиот контингент, кои се дел од мултинационалните сили на НАТО сместени во оваа сојузничка земја.
„Ги слушнав оценките на вашите претпоставени дека вашиот ангажман и посветеноста се на навистина највисоко ниво. Заедно со другите нации секој ден работите и учествувате во сите вежби и во сите активности и давате позитивен пример и вие и колегите од претходната ротација“, рече министерката на средбата со војниците и додаде дека припадниците на Армијата, кои ќе пристигнат со следната ротација, ќе имаат сериозен предизвик да остават исто така добар впечаток.

„Секој од вас дава свој личен придонес за колективната безбедност и за успехот на Северна Македонија како членка на НАТО“, рече министерката Петровска заблагодарувајќи им се војниците од македонскиот контингент во мултинационалните сили на НАТО во Романија.
Таа рече дека високите оценки за секој од 35-темина македонски војници во овие НАТО-сили ја оправдуваат довербата што ја добиле од Министерството и Генералштабот и им порача да продолжат да бидат посветени како и досега, да даваат сè од себе, да создадат пријателства и познанства што ќе траат вечно и да се вратат назад во својата земја, кај своите семејства, побогати за едно големо искуство.

Петровска во базата „Отопени“ го посети павилјонот во кој се сместени македонските војници по што беше организиран и ручек со сите припадници на Армијата.
Пред командантот на мултинационалните сили, бригадниот генерал Константин Николаеску, и членовите на штабот, министерката Петровска се заблагодари за топлиот пречек и за несебичниот придонес на сите НАТО-војници во оваа мисија, кој, како што рече таа, е потврда дека НАТО заштитува, обединува и зацврстува.

„Исклучително сум благодарна за силната поддршка што му ја давате на македонскиот контингент. Уверена сум дека секој припадник на Армијата дава свој придонес и дека нераскинливите врски што ги создадовте ќе траат вечно“, порача министерката.

Северна Македонија својот придонес во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Романија го почна во ноември 2022 година со испраќање единица во јачина од еден вод, односно 35 припадници во рамките на овие НАТО-сили. Целта на мултинационалните сили на НАТО во источното крило на алијансата е да ја зацврстат колективната безбедност и да го демонстрираат единството на земјите членки во заштита на секоја педа сојузничка територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

