Македонија
Министерката Шекеринска во официјална посета на САД на средба со секретарот за одбрана Џејмс Матис
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, престојува во неколкудневна официјална посета на Соединетите Американски Држави.
Во Вашингтон на 1 мај министерката Шекеринска ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, што ќе биде прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години. На средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Средбата се реализира во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.
„Официјалната посета на САД и средбата со секретарот за одбрана Матис се случува во клучен период, два месеца пред самитот на НАТО. Тоа е извонредна шанса да покажеме колку членството во НАТО е важно за Република Македонија и да покажеме дека тоа исто така носи вредности за земјите членки на Алијансата. Со американскиот секретар за одбрана ќе разговарам за нашето стратешко партнерство, за одбранбените реформи, но и за сите оние работи коишто Македонија може да ги понуди на Алијансата, во смисла на зголемена безбедност во регионот и на европскиот континент. Во последните 10 месеци секојдневно работевме да ја вратиме довербата на македонските граѓани во својата држава, но исто така и да ја вратиме довербата која странските партнери ја имаа во Република Македонија. Покажавме дека зборот е збор дека она што Македонија го најавува, она што го презема, она што го ветува, го исполнува. Ова е шанса да покажеме дека Република Македонија заслужи, дека заслужува да стане членка на НАТО“, изјави министерката Шекеринска пред заминувањето во САД.
Во рамките на посетата министерката ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер, како и со високи претставници во Стејт департментот и Пентагон, а ќе има средби и во Сенатот и Конгресот на САД.
Министерката во Вермонт ќе се сретне со гувернерот на оваа сојузна држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт. Армијата на Република Македонија има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како наш партнер во реформите и развојот на вооружените сили.
Во Вашингтон министерката ќе учествува на тркалезната маса организирана од Атлантскиот совет на САД на тема: „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“. Шекеринска ќе учествува и на тркалезна маса на Националниот демократски институт на тема „Демократската обнова на Македонија – Дали успева?“, а ќе има средба и со иселениците од Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

